Сењорита

Постојат такви ситни жени, мажи, луѓе, кои знаат да ми кажат: „Аман, остави ја! Ти не ја познаваш! Не знаеш со кој сè не таа била.“. Ама едно тие не знаат. Таа единствено моја е. Единствено моја може да биде. Оти душата кај мене в дланка си ја остави. Ми се препушти. На сè заборави. Заборави дури и која е. А ниту друга, ниту поинкава таа не била. Универзумот ја создал да биде моја. Моја! Само моја.

Ја гледам некогаш, како самата се плетка во своите мисли. Во своите зборови. Низ рацете со кои мафта додека со еуфорија ми раскажува како ѝ поминал денот. И сфаќам дека не сакам ништо друго. Ништо друго освен неа. Ваква каква што е. Чиста. Смотана. Збунета. И знам дека не е најубава. Знам дека не е најпаметна. Ама моја е. Мене ми припаѓа. И не се оптеретува со тоа што е моја. Ужива. Ми се препушта. А мене токму таква, таа ми е совршена. Некогаш лута со мислите. Забегува. Се губи. Ама дозволува јас да ѝ го покажам патот. Да ја насочам. За неа, јас сум вистинскиот пат. И ме стега цврсто за рака. Храбро оди до мене. Со мене. За мене.

Сакам да ја гледам како секое утро се буди и си ги трие очињата. Тие нејзини ситни очниња, длабоки како мориња, во кои јас потонав одамна, уште пред да знам. Уште пред свесен да бидам. Сакам да гледам како е фокусирана додека чита, заборавајќи дека светот околу неа и натаму постои. Сакам да гледам како со насмевка им се обраќа на кучињата. Разговара со нив. Божем тие неа ја разбираат, а потоа се смее како луда. Сакам да гледам како ми се фрла в прегратки, додека јас мирно чекорам кон нејзе. Сакам да ја гледам како заспива, како в сон потонува. Бавно. Тивко. Полека. А длабоко. Исто така како што јас во неа потонав.

Мечтаам со неа. До неа. Крај неа. За неа. Мечтаам како ноќе седиме на песочна плажа крај морето. Пиеме вино. Ги слушаме брановите. Тука е таа, а мене тоа ми е повеќе од доволно. Ја замислувам нејзината силуета како игра пред мене, се крши, на концертот од нејзиниот омилен бенд каде што јас сум ја однел. Замислувам како се тутка во мене секогаш кога е тажна. Кога е нерасположена. Кога денот ја скршил. Оти сакам да сум ѝ прибежиште. Сакам во мене да се стопи. Замислувам како со неа шетам низ улиците на Шпанија и ја нарекувам моја сењорита. А таа се смее. Ми се насмевнува. Ме прегрнува…

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!