Skip to content

Најдраго суштество – писмо за збогум

Најдраго суштество,
Долго време се мислев како да го почнам ова.  Родена сум со предиспозиција да бирам очај. И бирав. Цел живот го одбирав очајот и смртта и темнината како соодветна тематика за приказна. Сè додека не видов како сончевите зраци ти продираат низ темно – кафените прамени. Од тој момент мислам дека и ти, некако неприметно, навлезе во мастилото. Па, почнав да те мешам и тебе со очајот и темното и поради тоа, мислам дека сè испаѓаше поинаку од она што сакав. Некако испаѓаше подобро.

Еднаш ми рече дека популарноста и никогаш и не била знак на генијалност, не можев да го прифатам тоа, да ме мислиш за геније, а да не се гледаш себеси.
Знаеш, засекогаш ќе жалам за писмото што нема да ти го напишам пред крајот, мислам дека тука фигурира болката од разделбата. Онаа првата, за тебе помалку страшната. Сакам да мислам, сакам да се убедам дека барем малку ќе ти фалам. Онака како што ти фалев кога ми ги пишуваше писмата додека беше километри далеку.

За никаде сум во последно време. Докторите ми забранија секакво пишување, ми го забранија единственото нешто што ме држи во живот, ама еве се кријам ко…ко криминалец во сопствената куќа само за да го уредам в глава ова што никогаш нема да стигне до тебе. Мораш да знаеш…мораш да разбереш иако не можам да кажам. Може и после сè ова ме мислиш за студена, за тажна, болна жена на која парчето хартија ѝ е прибежиште од сопствениот живот.

Го сакав. Нема да лажам. Можда не на начинот на кој што требаше ама сепак, го сакав. Ме чуваше ко никој друг, се жртвуваше ко никој друг, ме поддржуваше ко никој друг. На моменти се осеќав должно. На моменти па, претерано грдо. Заслужуваше повеќе. Еве гледај ме, пак залетав од темата. Сакав да кажам, да, го сакав, ама тебе те сакав малку повеќе.
Не верувам дека ќе ме мразиш за ова. Ти беше од ретките што разбираа, разбери и сега. Те молам. Уморна сум. Многу сум уморна. Не можам да се борам, не можам веќе да ја поднесам оваа…оваа бледа каша, ова сивило околу мене и гласовите што деноноќно ме мачат. А, и отсекогаш го сакав морето. Можеби и ќе стигнам дотаму.

Едно нешто ме интересира само. Ќе ме ставиш ли и мене во таа твоја фиока каде што мирно ти стојат бившите или па ќе има за мене место на таа твоја ценета полица со книги? Ќе ги отвораш ли моите книги одвреме – навреме за да се присетиш на една жена обземена од “лудило”  што едно време ја гледаше само како предизвик, а потоа и евентуално и како некоја што сериозно може да ти го украде срцето? Не успеав, нели? Да ти го украдам срцето? Барем не целосно…

Еве и една смешна идеја.
Еден ден после скоро сто години ќе ни ги најдат писмата, оние од почетокот. Сакам да мислам дека некого ќе инспирираат, уште подобро, сакам да верувам дека ќе се преродам далеку од оваа земја и дека баш јас ќе ја прочепкам оваа наша приказна, како и приказната на животов. Се надевам дека, тогаш барем ќе имам доволно сила да се справам со сопствените чувства.

За последен пат, остари и диши и за мене, сеќавај се на убавите спомени ама не тажно и не често.
Знај дека мирна ќе бидам на тоа непознато место, барем колку што можам јас да бидам. Се надевам само дека ќе ми дадат цигари и пенкало и хартија. Приказна почната никогаш  целосно не завршува, нели? Побарај ме и во наредното поглавје, ама прво најави се, не сакам да бидам неспремна.

Збогум,
Твојата В.

Напишете коментар