Радосна вест – СП Апостол

 “Духот Господов е врз Мене, затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените, да ја проповедам благопријатната година Господова!“   (Лука 4, 18-19)

Која радосна вест му е потребна на човештвото за да го измести од неговата моментална позиција зацементирана во анархија, да го поткрене на петите во симулација на потскок кој ќе манифестира среќа, невообичаен наплив на задоволство, катарза во еден сеопшт вид? Можеби исчезнувањето на короната. Не верувам. Чуството на олеснување после ова би траело неколку денови или дури посурово кажано и неколку минути, зошто веднаш потоа ќе се присвои некоја друга битка, некој друг непријател. Така било после потопот, после чумата, колерата, така ќе биде и после короната. Човекот ќе ги заборави сите свои маки додека се бореше за здив, од немање воздух или од притаен страв, и ќе се насочи на новото бојно поле; ќе заборави на сите свои ветувања за промена на животниот стил само кога не би живеел во карантин; и ќе заборави на сите свои соништа како би било кога би била комуникација без заштитна маска. Всушност ќе ја предаде својата грижа за набрзо да се зафати со друга во поинаква димензија, со што ќе посведочи дека веста нема да промени многу во карактерната особина на човекот да не го освои трајниот спокој.

Затоа Духот Господов ја соопшти радосната вест на бедните. Тоа не се бедни како кои мнозинството ги замислува сиромашните со парталави алишта, неисхранети со испружена рака за милостина. Тоа се оние кои доброволно се откажале од својот дух кој во текот на времето ја надминал нивната граница на приземјеност и неполетно започнал да се издига над останатите, да доминира со својот не толку впечатлив квалитет. Тоа е духот на гордоста кој секогаш и најмногу  знае, полн е со себе и сопствената правдина, води бескомпромисен дијалог во кој туѓото мислење е запоставено, претендира за пратеник за престолот на светот до кој би дошол со секакви средства. Радосната вест е за оние кои сфатиле дека подобро е да не го поседуваш.

Затоа Духот Господов ја соопшти радосната вест на сокрушените по срце. Тоа се оние кои по долги крварења успеале да се смират и помират. Имаат потреба од исцелување на раните, а веста им ја носи надежта дека мелемот за нив е подготвен. Повеќе ќе се израдуваат дека местото каде ќе престојуваат е тивко, нарушено само од звукот на харфите, отколку од тоа дека повеќе нема да болат ниту лузните, тие неми сведоци за одот по трнливите патеки.

Затоа Духот Господов ја соопшти радосната вест на заробените и напатените. Тоа сме ние грешниците затворени во прангите на недоличното однесување и непочитување на заповедите. Не можеме да направиме ниту чекор надвор од решетките кои го одделуваат заветот од нашата моќ да го услишиме. Сме станале поклоници на гревот кој толку ни се испреплеткал во ткивата што не се знае дали ние сме носители на неговите плодови или тој е кафезот во кој сме прибрани. Потребна ни е слобода, миграција од неговите канџи кон крајбрежјето на мирна река ненаселено од демони. Веста дека тоа место не е далеку и се вгнездило до вечноста е повеќе од радосна.

Затоа Духот Господов ја соопшти радосната вест на слепите. Ако видот се загубил од некоја причина и се живее во недогледна темнина, не е уште така страшно колку да се биде слеп со здрави очи. Да се гледа бојата на парите наместо онаа на лисјата во есен, сјајот на златото наместо оној на насмевката, површината на имотот наместо клунчињата од гнездото, складното тело наместо чистата душа, не се ништо друго туку постојано слепило без можност за лекување. Не е потребна промена на леќа ниту стап за ориентација и куче водач за кутрите слепци кои не го гледаат вистинскиот пат и кои доколку се на лидерската позиција уште и ги водат своите ближни во бездната. Радосна вест е ако прогледаат дека ги чека она што уво не слушнало и човечко око не видело, а е наменето за синовите на царството на Небото.

Затоа Духот Господов ја проповеда благопријатната година Господова. Тоа ќе биде годината на доаѓање на Спасителот, во која бескрајниот ден ќе биде богатство за бедните, исцеление за скрушените, слобода за заробените и напатените, прогледување за слепите и најголема радост за мене.

СП Апостол

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?