На Јулија, насред Скопје

Две куќи полни со омраза,
така започнува нашата приказна,
и ружа да е со друго име нема да биде истата.

“Ме слушаш ли Јулија?
Јас сум,
Ромео твој во тело на човек во дваесет и први век,
по шесто години прероден, изгубен, полуден.

Доволно ли беше Јулија?
Тоа што дозволи да се убијам?
Љубовта беше единствена моја заклетва,
на крај таа заклетва срцето ми го искорна.”

Јулија е Сонцето,
а поетот, Ромео е мракот црн,
Капулети се горди,
Монтеги на самиот горделив врв.
И нема да е,
нема да е Ромео прв што ќе изгори,
што нема да може со себе да се избори,
ама ќе остане последен, војник во битката на љубовта изгубен.

“Знаеше ли Јулија?
Знаеше ли дека полека ќе умирам?
Знаеше ли дека те љубам?
Задоволна ли си сега, штом јас дозволив главата по тебе да ја изгубам?

Приказната е поинаква сега Јулија,
ѕверка моја каприциозна,
ти стојам уште под балконот на стокатницата во Аеродром,
пред шесто години веќе сонуван сон
и ова не е Верона туку Скопје,
пенкало држам в рака наместо меч и копје,
проколнат сум приказната да ја повторувам и одново и одново во тебе да се заљубувам,
и одново и одново по тебе да умирам.”

Нека ужива сега со Парис Јулија,
садист што ми ја мачи душава,
нека ужива сега Јулија,
ќе ги почекам пак Капулети со друго име тука, да ме убијат.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?