„Излезе од печат нова книга од издавачката дејност на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Збирката раскази од литературниот конкурс „Раскажувам фотографија“ 2020 е финализација на проектот – литературен конкурс за краток расказ посветен на мотиви од предвоениот живот и страдањето на македонските Евреи.
На конкурсот пристигнаа 138 литературни творби. Меѓу нив, најголем дел солидно напишани прози, со исклучок на творби кои не го погодија овој жанровски образец (расказот) изразени било како историски осврти или како своевидни есеи. Интересно е дека во тој богат одѕив, повеќето беа мотивирани да се огласат и со два или повеќе прилози.
Во збирката се поместени вкупно 36 издржани раскази кои ќе го збогатат квалитетниот книжевен материјал на нашата фондација.
Книгата може да се купи во продавницата на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија по цена од 160 денари, со предходна најава – порака на нашиот ФБ профил.
Наградените и пофалените автори добиваат бесплатен примерок.“ – Соопштија на официјалниот фејсбук профил организаторите.
Збирката е поделена со поглавја според темите на кои можеше да се учествува на конкурсот. Во нејзе влегоа и расказите од Маја Малиновска, Наталија Наумовска, Лина Димоска, Лидија Размоска Тримовска, Антонио Стојановски, Елеонора Николовска, Јован Дамјановски и останати автори.