Skip to content

Римскиот бог Плутон, пандан на старогрчкиот бог Ад

Плутон (латински: Plutone) бил бог на подземниот свет во римската митологија. Негови браќа се: Јупитер, Нептун, а негови сестри се: Јунона, Веста и Дијана. Плутон ја има истата приказна како Ад во грчката митологија. Негови родители се: Сатурн и Кибела.

Плутон и Хад имаат различен карактер, но тие не се два различни лика и споделуваат два доминантни мита. Во грчката космогонија, на богот му се паѓа да владее со подземјето во светот поделен на тројца – брат му Зевс владетел на небото и другиот брат Посејдон владетел на морето. Централниот расказ за него е грабнувањето на Персефона која ќе биде негова жена и кралица на неговото кралство. Плутон како владетел на подземјето за првпат се појавува во грчката книжевност за време на класичниот период, во делата на атинските драматурзи и на филозофот Платон, кој е најголемиот грчки извор на неговото значење. Под името Плутон, богот се појавува и во други помалку значајни митови, особено во оној за симнувањето на Орфеј и други јунаци во подземјето.

Најпознат мит  е за грабнувањето на Персефона

Најпознатиот мит за Плутон или Хад е грабнувањето на Персефона. Најраните книжевни верзии на митот кратко се споменуваат во делото Теогонија на Хесиод и во проширената приказна на Хомер (химна на Деметра) каде владетелот на подземјето се именува како адот („скриениот“). Плутон честопати се меша со Плутос (грчки: Πλοῦτος, Plutus), богот на богатството, бидејќи богатите минерали се наоѓаат под земја, и бидејќи како хтоничен бог Плутон владеел со длабочините на земјата која го содржи семето неопходно за плодна берба. Името на Плутон почнало нашироко да се користи со Елефсинските мистерии, во кои Плутон е љубениот сопруг на Персефона а тие двајцата се двојката на подземјето кои владеат со душите во задгробниот живот. Хад, за разлика од овој опис, во митологијата се прикажува како мрачен и насилен грабнувач на Персефона.

Највлијателната верзија на митот за грабнувањето е онаа на Овидиј, кој ја раскажува приказната како во Преобразби (Книга 5) и во Фасти (Книга 4). Уште едно поголемо прераскажување, исто така на латински, е долгата недовршена поема За грабнувањето на Персефона (De raptu Proserpinae) на Клаудијан. Митот за киднапирањето била популарна тема на грчката и римската уметност, и се повторува во западната уметност и книжевност, каде нашироко се усвојува името “Плутон”. Наративните детали од Овидиј и Клаудијан влијаеле на грабнувачот Плутон, особено преку улогата на Венера и Купидон, да се гледа како на фигура која во себе има и љубов и копнеж.

Хесиод

Името Плутон не се појавува во Старогрчката книжевност од постариот период. Во Теогонија на Хесиод, шесте деца на Хронос и Реа се Зевс, Хера, Посејдон, Хад, Деметра и Хестија. Машките деца си го поделиле светот на три кралства. Хад насила ја земал Персефона од нејзината мајка Деметра, со согласност на Зевс. Плутос, “Богатство,” се појавува во Теогонија како дете на Деметра и Јасион: “добриот Плутос кој оди низ целата земја и до крајот на морето, и кој ќе го сретне и ќе му падне в рака, тој човек станува богат…”. Сличноста на името Плутос со Плутон …,” како што е забележано,” не може да е случајно. Плутон е господар на мртвите но како сопруг на Персефона има голема моќ и врз плодноста.”

Плутон и Плутос

Плутон е едно од неколкуте имиња кои му се давале на Хад, опишан во Илијада како најомразениот бог за смртниците. Платон вели дека луѓето го претпочитале името Плутон, “дарител на богатство,” бидејќи името Хад предизвикувало страв. Името се сфаќало во насока на “неисцрпните богатства на земјата, како заради посевите горе – првично тој бил бог на земјата, почвата – така и заради рудниците кои се кријат во неа.”Тоа понекогаш создава “конфузија” на двата бога Плутон и Плутос (“Богатство”) кој се стекнал со теолошко значење во античкото време. Како господар на изобилството или богатството, Плуто остава аспект на подземен бог кој бил попрво позитивен, за разлика од мрачниот Хад.

Во тек на римскиот период во Стара Грција, географот Страбон, (1 век п.н.е) прави разлика меѓу Плутон и Хад. Пишувајќи за минералните богатства на Иберија (Римска Шпанија) тој вели дека меѓу Турдетаните мислењето е дека во подземјето владее Плутон а не Хад.

Опис

Плутон е опишан со неговите атрубити и во придружба на кучето Кербер. Тој владее во подземниот свет заедно со неговата жена Просерпина, наречена исто така и Персефона. Плутон е синот на Сатурн и Реа, сопруг на Персефона, брат на Јупитер, Нептун, Јунона, Керера и Веста.

Обично се претставува со густа брада. Често го носи својот шлем, подарок од Киклопите (синовите на Нептун), чие својство е да го направат невидлив. Некогаш носи круна од абонос. Кога седи на престолот во раката држи црно жезло, или вила. Некојпат во раката држи клучеви, за да изрази дека вратите на животот се затворени бесповратно за оние кои ќе стапнат во неговото царство. До него честопати седи Кербер. Го претставуваат исто така и во кочија која ја влечат четири црни коњи. Тој бил грд и влевал страв кај луѓето.

Власт

Неговата палата се наоѓа среде Елисејските полиња. Оттука владее, го уредува царството и ги диктира законите. Римјаните му оддавале посебни церемонии. Свештеникот пали тимјан меѓу роговите на жртвата (курбанот), ја врзува и ѝ го распарува стомакот со нож чија рачка е од абонос. Бутовите на животното посебно се посветени на овој бог. Жртвите му се принесуваат само во темно, и само црни жртви, со главите свртени кон земјата. Особено се славел во Ниса, во Опунт, во Троезен, во Пилос, и кај Елеените, каде имало светилиште кое било отворено само еден ден во годината. Во него смееле да влегуваат само свештеници задолжени да ја принесуваат жртвата.

Почитување

Во Рим постоеле жртвени свештеници посветени исклучиво на Плутон. Му се принесувале жртви со темна боја, и секогаш во парен број, додека на другите богови жртви им се принесувале во непарен број. Се гореле до пепел, а свештеникот не задржувал ништо за луѓето или за себе. Пред да ги заколат, се ископувала дупка за да ја прими крвта, а се истурало и вино. За време на овие жртви, свештениците не ги покривале главите и владеела апсолутна тишина од страна на присутните, не толку заради почит колку заради стравот од ова божество.

На Сицилија, Сиракузанците му жртвувале секоја година по два црни бикови близу до изворот на Сајан, каде што според традицијата била грабната Персефона. Во Рим, на 20 јуни, на денот на неговото празнување, отворен бил само храмот на Плутон. Се жртвувале црни животни (овци или свињи), а осудените на смрт се погубувале.

Прочитајте го и Митот за кентаурот Хирон.

Напишете коментар