Палави афоризми посветени на најмалите – Миле Ѓорѓијоски

Дека мислиме и на најмалите читатели, доказ се статиите на ваква тема. Овие афоризми од афористичарот Миле Ѓорѓијоски кои се посветени на децата се еднакво смешни и интересни колку што се вистинити. Прочитајте ги во продолжение!

1. Сезаме отвори се! Имаме писмена по математика.

2. Што дека им ги сокрив мобилните на тато и мама, кога тие место да си играат со мене цел ден ги бараа.

3. Дедо лаже дека мене и дада нѐ донел штрк. Во декември и февруари кај нас нема штркови.

4. Некој сигурно ме кодоши на учителката. Секогаш ме прашува само она што не го знам.

5. Одличните ученици се привилегирани. Нив секогаш ги прашуваат само она што го знаат.

6. Знам што велел Ајнштајн кога ќе добиел единица на училиште: „Сѐ е релативно“.

7. Некогаш татковците и мајките сакале да имаат паметни деца, а денес – паметни телефони.

8. Крајот делото го краси. На пример, ѕвонењето на училишното ѕвоно на крајот од часот.

9. Не е фер! На роденденската торта на дедо дував во седумдесет свеќички, а на мојата само во две.

10. Најдобро ќе биде мама да ми роди сестричка. Не ќе морам со неа ништо братски да делам.

11. Додека биле млади, дедо и баба не биле пријатели. Тогаш немало Фејсбук.

12. По математика најубаво си поминувам кога имам празен час. Ама се што е убаво – кратко трае.

13. Бато учи за нас двајцата. Кога тој ќе добие петка дедо ни купува големи чоколади на двајцата.

14. Време е мајките и татковците да почнат да одат во градинките. Таму ќе научаат како да си играат со своите деца место со мобилните телефони.

15. Кога не ги носи очилата, дедо губи шах oд баба. Тогаш наместо бабините, си ги краде своите фигури.

16. Мама и тато и овој викенд ќе го поминат работно. Имам домашно по сите предмети.

17. Секогаш кога дедо и баба ќе ни дојдат на гости, тато не се фали дека бил најдобар ученик во градот.

18. Вујче сака штедливи жени. Се врти само по оние жени што носат мини сукњи.

19. Заболекарот нема шанси да го победи бато. Тој има само десет прсти, а бато многу повеќе заби.

20. Баба и дедо не се сеќаваат на ништо од своето детство. Велат дека тогаш немало таблети, мобилни, интернет.

Прочитајте ги и следниве афоризми за деца од Миле Ѓорѓијоски.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!