„Смртта на господинот Голужа“ – збирка раскази од Бранимир Шќепановиќ

Бранимир Шќепановиќ е роден во Подгорица на 19. април во 1937 година, а починал на 30. ноември 2020 година. Тој беше српски и југословенски писател. Бил редовен член на Друштвото на француските писатели.

Шќепановиќ е еден од водечките српски прозаисти на XX век. Тој бил еден од 400 светски писатели кои во 1985 година одговарале на прашањето: „Зошто пишувате?“, поставено во анкетата на францускиот весник Libération. Бил еден од 240-те светски писатели кои во јубилејниот број на весникот Nouvel observateur опишувале ист ден на планетата Земја. Тој е застапен во многу српски и странски антологии.

На пример, „Смртта на господинот Голужа“ била дел од антологијата „Модерната европска новела“, објавена во Данска, во „Антологијата на светскиот расказ“ и „Антологијата на словенските книжевности“ објавени во САД. Во антологијата „Идеална библиотека“ која ја објавила Француската енциклопедија, меѓу 700 најзначајни книги на сите времиња се нашол и неговиот роман „Уста полна со земја“. Неговите дела се преведени на 32 јазици.

Награди и признанија

Шќепановиќ е добитник на две награди „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула. Врз основа на неговите дела и сценарија се снимени десет играни филмови. Неговите радио-драми се изведувани на повеќе европски радио-станици. Според неговите дела се изведувани три успешни театарски претстави во Франција („Откупување“ во Националниот театар во Тулуза, „Смртта на господинот Голужа“ во Градскиот театар во Шартр и „Уста полна со земја“ во Модерниот театар во Лил). Чешкиот композитор Зденек Лукач ја компонирал операта „Смртта на господинот Голужа“

Смртта на господинот Голужа – Збирка раскази од 1977 година
Содржина на делото

Централно место во збирката зазема истоимениот расказ: На патот до морето, господинот Голужа случајно застанува во непознат мал град, каде веднаш го привлекува вниманието на жителите. Еден ден, тие го испитуваат за причината на неговиот престој во градот, а тој им кажува дека дошол за да умре. Од тој миг, целиот град почнува да му укажува почит – луѓето му нудат разни бесплатни услуги и производи, доаѓаат да се посоветуваат со него, а најубавите жени водат љубов со него. Така, господинот Голужа, кој дотогаш бил осамен човек кој се плашел од луѓето, наеднаш почнува да се чувствува важен и да ужива во животните задоволства.

Нестрпливи да бидат сведоци на неговата смет, по шестмесечно чекање, неколку жители го посетуваат во хотелската соба со барање да си го исполни ветувањето. Тогаш, тој почнува да крои планови како да се извлече од неприликите, но утредента, луѓето го носат на мостот очекувајќи тој да се фрли во реката. Господинот Голужа се обидува да одржи говор кој ќе му обезбеди симпатија кај жените, но се соочува со рамнодушност. Сакајќи да побегне, тој се качува на оградата на мостот, но паѓа во реката и умира.

Осврт кон делото

Новелата „Смртта на господинот Голужа“ претставува бизарна приказна која иницира многу прашања кои често немаат вистински одговори. Главниот јунак цело време се бори со внатрешните судари меѓу најмрачните мисли и повремените просветлувања. Новелата била дел од антологијата објавена во Данска под наслов „Модерна европска новела“, како и во „Антологијата на светскиот расказ“ и во „Антологијата на светските книжевности“, објавени во САД.

Според Le Matricule des Anges, „оваа новела функционира божествено, а последната сцена ја замрзнува крвта“.Врз основа на оваа новела е снимен филмот „Џулијан По“. Чешкиот композитор Зденек Лукач ја компонирал истоимената опера, а во Градскиот театар во Шартр успешно била изведувана истоимената претстава.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!