Бил само човек – Марија Симоноска

Еднаш на овој свет се родил син. Со црна кадрава коса, длабок поглед во неговите зеленокафеави очи и многу пргав. Од неговото раѓање се чинело како да бил роден со мотика во раце. Тој бил солиден ученик, иако учениците биле оценувани со високи критериуми и се барало дисциплина. Понекогаш бил ноншалантен во образовните води, заглавил со студиите. Не станал академски граѓанин, но во себе носел нешто многу силно. Носел голем и впечатлив ентузијам, позитивна енергија и една голема љубов.

Љубовта кон природата била неговата најголема инспирација и волја за успех. Не се радувал на парите и материјалните нешта. Се радувал на секој нов плод од своите посеви, посебно задоволство му причинувал кога плодот бил здрав и вкусен. Неговите животинки го правеле среќен кога во нивниот поглед гледал благодарност за неговото искрено внимание и грижа што им го давал. Го обожавале и неговите пчели. Секој пат кога се  грижел за нив, му слетувале на неговото тело, раце, глава, но никогаш не бил убоден. Се чинело како да слетале на омилениот цвет.

Ловот бил негово хоби. Знаел да ги љуби почвата, животните, пчелите со чисто срце и искреност, така како што се љуби саканата. Ги обожавал своите другари, не можел викенд  да помине без нив. Музиката ја носел во срцето, од душата пеел на секој друштвен собир, настан, свечен чин… Шахот бил негова секојдневна игра. Тој бил татко на верно даше – неговата ќерка. Ја чувал како капка вода на својата дланка. Ја сакал повеќе од самиот себе. Биле многу поврзани како вистински другари. Ја научил за многу нешта. Ѝ ја пренесол својата љубов кон природата на многу суптилен начин. Ја научил на скромност, доверливост и чесност.

Волјата за живот го водела, креирал планови за иднината што го чекала. Секој нов ден го живеел со ведрина, елан и радост. Сето ова се распаднало во само еден момент, во само еден час. Претрпел тешка сообраќајна незгода, не потклекнал на повредите. Скоро осум месеци се борел. Издржал во болничкиот кревет. Станал на нозе, почнал да се движи, солзи радосници се лееле по неговото лице, кога повторно се вратил на својата љубов. Како дете мало што се радува на својата сакана играчка, така и тој се радувал кога повторно стапнал на неговите полиња, ги допрел своите животинчиња, го слушнал зуењето на пчелите и повторно го држел своето даше за рака и во скутот.

Оваа радост траела многу кратко. Сé до едно кобно утро. Во само еден момент се срушиле сите нешта што ги носел тој. Не издржал, неговата силина што можеби била само навидум пукнала. Млад го напуштил својот свет, заминал, можеби таму каде што имал и верба. Ги оставил само неговите спомени и планови. Неговите најголеми љубови останале сами, им се урнале и нивните радости, како сé да му се претворило во пекол. Еднаш се родил син што знаел да се радува и да ја љуби природата како што ретко знае некој да љуби. Сигурно имал и маани, но бил само човек. Тој бил само човек кратко на овој свет.

19.04.2021

Марија Симоноска

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!