Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982) e македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија.
Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија.
Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 година.
Бил прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967). Бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975). Шопов бил прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.
На 30 септември 1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“. Уживајте во оваа прекрасна песна!
Клошарска песна на поетот
Ha мојата caкана C.
Струполен паднав и лежам под ѕидините на градот
и не можам ни чекор напред ниту пак назад дa cторам.
Ѕидините дишат со здивот на мојот разурнат дом,
а мојата небиднина извалкана од врвиците на рајот и на адот
одненадеж ме удира и заслепува како некој штотуку пробуден гром.
Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се борам …
Станав ли, не ли? — Не знам. Но знам како се разденив во градот на проколнатите поети.
Беше тоа час и време на ден долго смируван и скротуван ѕвер,
клошapcки што лунѕа низ пространите чекални и сали
и ги бара и собира последните отпушоци како реликвии стари
за кои може единствено и искрено да се жали
овде или во кој и да е Салпетриер на светот.
Љубов моја, мое од најчиста роса исковано име,
ти секој ден доаѓаш да ја смируваш твојата неодминлива болка
додека сета утроба и целото тесто во пожар на океанот ти гори,
земи ме, мила, изведи ме,
изведи ме под својата широка и смирувачка стреа,
изведи ја оваа птица низ леглата на пожарите,
низ леглата на пожарите од кои зеленило пука
и едно чудесно дрво разлистува и расне и живот од небиднината смука.
Изведи ме низ леглата на пожарите
да ми испопукаат дамарите,
а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн балон смеа,
и животот во овој град полека да ми се гаси
за живот на она дрво небиднината што ќе го спаси.
Париз, февруари 1978 год. болница Салпетриер
Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.