Се будам ко од бунило, низ потови и трески што како гуски немирни ми шетаат по телово, по р’бетот, по вратот и умот. Се будам ко од смрт, а не од сон. Во градите ми гори желба за нешто непознато, веќе непостоечко. Горам по мастило ко по вода, копнеам по парче хартија ко по воздух.
Темно е тука и студено, ѕидовите притискаат, ходниците сами по себе од ветрот што влегува низ полуотворениот прозорец крцкаат. Носат сеништа на одамна изгубени спомени од минати животи заборавени.
Пробувам да се сетам, но не ми доаѓа. Тука ми е, на врвот од јазикот, најнапред во умот, но не ми дозволува да ја изговорам таа мисла што ќе разјасни сѐ, што ќе олесни сѐ.
Од очај, или па можеби од страв посегнувам по црниот тефтер на наткасната и пенкалото заглавено во него. Темно е тука и студено, ама јас можам и в темнина и со затворени очи и слепа и проколната да ги испишам буквите – зборовите што не се створени да се изговорат, туку да се забележат.
Почнувам да пишувам, трапаво, на брзање, неуредно. Почнувам да пишувам глупости што ми ја отсликуваат привремената состојба на будната смрт и наеднаш, наеднаш сфаќам. Ќе ме снема еден ден. Сите ќе нѐ снема, ама книгата ќе остане. Тогаш кога, како парче камен ќе се одрониме од оваа Земја, книгата ќе остане. Тогаш кога како бубачки ќе бидеме згмечени и нашите траги избришани, книгата ќе остане. Книгата ќе надживее сѐ. И името и личноста и музата и болката и тагата и смртта и песната. Книгата ќе надживее сѐ зошто во книгата секогаш ќе стои парче од душата. Парче од очајот, од љубовта, од хоророт во мастилото со кое таа е напишана.
Кога ќе ме снема. Кога ќе те снема. Кога светот ќе се промени и ќе премине во тотално друга димензија, книгата ќе остане, книгата ќе надживее сѐ. Ќе допре внуци, ќе допре деца, ќе допре сираци и преку книгата сите ќе бидат наши, ко што и сега преку книгите ние сме нивни.
Кога ќе посегне животот по секирата и смртта по наплатата и мирот по телото уморно и душата, дел ќе остане. Дел ќе надживее илјада апокалипси на умот, илјада човечки војни, илјада животи и една единствена смрт што не е конечна, туку само привремена, привремена илузија.
Затоа не тагувај ако писателите и читателите веќе ги нема. Отвори ги нивните омилени книги, одвои час и направи со нив муабет. Тие ќе ти кажат. Тие ќе ти ги посведочат овие мои бладања дека секогаш, ама секогаш, во секој случај, низ секоја можна реалност книгата ќе надживее сѐ и секого.
Се будам ко од бунило, низ потови и трески што како гуски немирни ми шетаат по телово, по р’бетот, по вратот и умот. Се будам ко од смрт, а не од сон. Се будам и в зори повторно заспивам. Утрото го дочекувам мирно, побогато за неколку илјадници зборови, на белузлави парчиња хартија.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.