Анализа на еден внатрешен судир

Не бегај од себеси,
не тргај го погледот,
ќе вреди ли ако се закопаш во тие прашини
кај што ни орел мршојадец не прелетува,
во таа пустина кај што најбитна е среќата на социјална мрежа?

Па зошто не се сликаш?
Немаш ли живот?
Немаш ли потреба да извикаш па сите да видат колку си среќно – несреќна,
или па ти си од оние што чувствуваат во тишина?

Закопај главата в земја
и ќути дур душа не прокрвари,
дур не те праша мајка ти што ти е
зошто више не му брбориш низ турски серии.
Дур не те праша другар ти
зошто гледаш по цели денови во една точка бела,
и зошто по месец дена не излагаш од дома.

И ти ли си од тие што пишуваат па кинат,
па в ќумбе фрлаат,
за доказ да не остане?
Па после да не речат:
Знаев, ете пишано било,
а ти да знаеш дека пишаното излегува само од твое мастило.

И ти ли си од тие со проклетство?
Со тело крваво,
со свест расклатена,
па со свеќа во раката ко Диоген се бараш низ тишината?

И ти ли си од тие живи – мртви уметници,
на кои им е судено и во среќа да се несреќни?
Сонуваат работи недофатливи, а величаат црно – бели слики?
В гради приказни,
на лице три различни насмевки,
во умот крици,
судбински конци в раце цврсто стегнати,
па удри по себе
зошто никој не може да удри како ти што можеш по тебе.

Што ли гледаш, кажи ми,
штом ги видиш тие невидливи модринки?
Огледалото ти стои ко проклетија закачено,
телото ти е на сабајле уморно,
срцето запечатено,
внатре тмурно иако надвор е убаво.

Април е, а ти студи,
април е, а нема кој будна да те разбуди.
Еј, проколнати вие, црни уметници,
и илјада да поминат години,
и илјада да поминат векови,
ќе останете непроменети.

Тажни сликари, писатели и поети,
залетани па паднати – прегорени ѕвезди.

“Па зошто не се сликаш?
Немаш ли живот?
Немаш ли потреба да извикаш па сите да видат колку си среќно – несреќна,
или па ти си од оние што чувствуваат во тишина?” – Ќе те прашаат,
а ти сосем свесно – несвесна, објасни им низ гласовите, со монологов во главата.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!