Skip to content

Едно поинакво доживување на Матеа – Ана Дедова

  • by

Пролетна мугра, некаде пред шест часот, сонцето полека излегуваше од под јорганот на ноќта. Возовите со своите сирени, ги повикуваа полека патниците што веќе беа спремни за поаѓање. На перонот 9 стоеше Матеа и уште десетина патници кои останаа да го чекаат возот што веќе доцнеше со своето пристигнување. Свежото утро, пролетниот ветар, како да си играше со долгата коса на Матеа, прамените руса коса ѝ го прекриваа белото и нежно лице. Сестрата на Матеа, Симона, која е три години постара од неа, се грижеше да не ѝ недостасува нешто додека го чекаа времето на поаѓање.

Возот конечно пристигна на перонот 9, Матеа заедно со сестра ѝ се качија и седнаа на своите места. Возот полека се движеше, а Матеа беше возбудена што ќе отпатува во Франција. Едно поинакво доживување ја чекаше таму. Од возбуда Матеа не можеше да седи мирна па шеташе низ возот, а патниците љубопитно гледаа во неа, но на Матеа не ѝ пречеше тоа. Патувањето Германија – Франција е долго, па мораше да се направи преседнување на одредена дестинација. Матеа и Симона требаше да се качат во друг воз, за да го продолжат патот за Франција.

Со крупни чекори, покрај нив помина еден млад патник, на возраст околу 31 година, неговата густа црна коса и густата убаво обликувана брада на неговиот бел тен, како дополнителен украс на неговото лице. Слезе прв од возот, ѝ ја подаде раката за да помогне на Матеа да слезе. Матеа беше збунета, пријатно изненадена, и воодушевена од гестот на младиот патник, му ја подаде раката за да ѝ помогне да слезе. Матеа, како да осети некоја топлина кога му ја допре раката. Таа силна машка рака која може цврсто да го дофати оној кој му е потребна помош, а сепак нежна и топла да растрепери нечие женско срце. Срцето на Матеа веќе беше растреперено од нежниот допир и топлината на неговата рака.

Погледите им се сретнаа, од неговите крупни небесно сини очи, излегуваше сјај толку привлечен, што Матеа не можеше да му одолее на неговиот поглед, па долго време гледаше во него. Младиот патник го забележа тоа, па ги развлече усните во прекрасна насмевка. Матеа срамежливо му возврати со насмевка, му се заблагодари на помошта и заедно со сестра ѝ Симона се качија во друг воз и се упатија кон Париз.

Ана Дедова

Напишете коментар