На секој Велики Четврток стануваше во четири наутро, пред изгрејсонце. Си ја плетеше кадравата коса во плетенка. Потоа брзаше да го извади првото велигденско јајце. Црвено. Црвено како крв. Ќе го извадеше надвор. Да го фати изгрејсонцето. Го ставаше на ѓерамиди, на највисоко. Барем онаму каде што за неа беше највисоко оти само до таму можеше да досигни. Потоа пак ќе се вратеше над шпоретот.
Во таблата до неа се редеа црвени јајца. Па зелени. Па сини. Па виолетови. На некои вадеше шари од цвеќиња и тревки што ќе ги собереше претходниот ден. Потоа ќе ги премачкаше со масло. За поубаво да блескаат. Ги гледаше со гордост. Се радуваше оти убаво ѝ испаднале. Откако ќе завршеше со бојадисување, убаво ќе го исчистеше шпоретот. Потоа го земаше ѓезвето и ставаше две полни лажички со кафе. Без шеќер. И чекаше кафето да зоврие на шпорет. Ќе ги наполнеше филџаните и ќе ги изнесеше на масата во дворот. Сонцето веќе грееше.
Ама таа пак влегуваше внатре и му се умилкуваше на сопругот. „Станувај, миличок. Утро е.“ го будеше, галејќи му ја косата. Тој полека ги отвараше очите. За него немаше поубава глетка од нејзините очи. Ќе ја прегрнеше и ќе ја бакнеше в чело. Додека тој се миеше, таа го чекаше седната на столот во дворот. Чекаше да им истине кафето.
Со сјај во очите гледаше како тој мирно чекори кон филџанот кафе. Еднакво жеден и за неа и за горко, силно кафе. Пиеа кафе. Се смееа. Планираа што треба да се купи за празникот. Кај треба да се оди. Кој ќе им дојде на гости… И после толку години успеаа да си останат еден на друг центар на светот.
На Велики Петок, таа ќе облечеше фустан до колена и чевли на топук. Сопругот ќе се дотераше во костум. Потоа заедно ги будеа децата. Таа на девојчето му плетеше плетенки и му облекуваше фустанче со цветчиња. И бели, лаковани чевлички. Тој на момчето ќе му ја замазнеше косата со гел додека не почне да сјае. Ќе ги фатеа децата за рака и ќе ги однесеа во Стара Црвка, да му целиваат рака на попот.
Тој за рака го водеше момчето, а таа девојчето. И од око не се испуштаа еден со друг на патот до црква. Со поглед се разбираа. Си се насмевнуваа. Сѐ што имаа да си кажат еден на друг, со поглед си кажуваа. На децата ќе им купеа шеќерно јаболко или шеќерна волна на враќање. Ќе ги преоблечеа и ги пуштаа да играат на улица. Ако беше строг пост, тие пак некако си се умилкуваа еден на друг.
Во саботата, ноќта пред полноќ, убаво ги успиваа децата. Чекаа да заспијат длабоко за да не се разбудат после, па да се исплашат дека се сами. Потоа ќе се дотераа. Таа избираше бела кошула и црвена сукња со бела тантела. На нозе ставаше црвени, лаковани чевли со топук. Тој ќе облечеше панталони, а таа ќе му ја закопчаше кошулата. Потоа му ја местеше врската околу вратот. Тој сам си го облекуваше капутот. Потоа нејзе ќе и го облечеше капутот. Ќе земеа по едно црвено јајце. Се држеа за рака додека одеа во Стара Црква на Воскресение.
По пат среќаваа познаници и пријатели. Со насмевки се поздравуваа едни со други. Сите одеа на исто место. Во црквите. Палеа свеќа во дворот на црквата и секогаш стоеа со некој пријатели или комшии кои ги среќаваа таму. Ја слушаа молитвата на попот. Си разговараа. Сите со нетрпение го чекаа полноќ. Ја чекаа убавата вест. Го чекаа гласниот поздрав „Христос Воскресе!“. „Навистина воскресе!“ одекнуваа грлата на луѓето во црквата. Се слушаше кршењето на кората од јајцата, а потоа лушпите кои паѓаа на земја.
Откако ќе ги изедеа јајцата, со свеќите в раце се враќаа дома. По пат ги поздравуваа луѓето со „Христос Воскресе!“. Свеќите ќе ги оставеа некаде во дворот, а потоа си легнуваа еден крај друг. На велигденското утро, масата во салонот веќе беше спремена за гости. Таа беше убава како никогаш претходно. Нашминкана, дотерана. Негова. Ги пречекуваше гостите кои им доаѓаа цел ден. Тој ги шеташе децата кај роднините и пријателите со корпи в раце. Дома се враќаа за ручек. А потоа продолжуваа да шетаат со децата…
Има некаква магија во секој Велигден. Во секое велигденско јајце. Во сите обичаи. Како да се создадени за одново да нè поврзат еден со друг. Како да се создадени за луѓето да се зближат меѓу себе. Да се радуваат на убавината, на пролетта, на магијата, на воскреснието, на животот. А без верба, животот изгледа некако апсурдно и празно. Затоа, погледнете кон небото и верувајте. Верувајте во магијата на Велигден.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.