Изговарај ми го името

Изговарај ми го името
секогаш кога ти сум драга,
кога мила ти сум,
кога си заљубен во мене
како во ниту една претходно,
кога денот ти го разубавувам,
кога ти ја носам пролетта.
Сакам да станам зависна од начинот
на кој името ми го изговараш.

Изговарај ми го името
секогаш кога сум претерала,
кога сум ги преминала границите,
кога не можеш да ме толерираш веќе,
кога на глава сум ти се качила,
кога само сакаш да престанам.
Сакам да станам зависна од начинот
на кој ме прекоруваш.

Изговарај ми го името
секогаш кога копнееш по мене,
кога едвај чекаш да ме видиш,
да ми ги гризнеш усните,
цврсто да ми ги стегнеш дланките
и никогаш да не ме пуштиш.
Сакам низ гласот да ти слушнам
колку многу си копнеел по мене.

Изговарај ми го името секогаш.
И кога сакаш да ми потонеш в прегратки.
И кога сакаш да ме пцуеш.
И кога сум најмила девојка на светот.
И кога гадна кучка сум.
И кога сум те направила најсреќен.
И кога сум те распарчила.
И кога денот сум ти го уништила.

Сакам да станам зависна од начинот
на кој ми го изговараш името,
па да не ми смета да слушам
секој ден,
секоја ноќ,
цел живот.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?