Skip to content

Една низаедна! – Лина Димоска

Таа е една од оние
кои со леснотија велат
„Па ајде, кафе да пиеме.“
А никогаш нема да кафе да испиете.
Оти нема да дојде.
Ќе смисли илјада изговори.
Ќе најде илјада причини.
И на кафе никогаш нема да ти дојде.
Нит’ ќе го испиете, ни ништо.

Ама ако ти рече
„Те чекам на кафе вечер.“
од погледот ќе ѝ разбереш
дека нема само со кафе да си останеш.
Ќе испиете сто, двесте, триста кафиња.
И секогаш ќе завршувате на задното седиште од твојот автомобил.
Во креветот твој, ако си сам дома.
На бирото нејзино, ако е сама таа вечер.
Ќе пиете еден куп други работи, покрај кафето.
Еден со друг ќе се испиете.
Ќе заборавите на времето, на просторот, на димензиите.
И за тебе ќе нема друга димензија освен таа.

Таа е една од оние што ќе те пцуе како нецивилизарано суштество.
Ќе ти рече „Гони се, бре! Од пред очи тргни ми се!“.
А во погледот ќе ѝ читаш дека сака само цврсто да ја прегрнеш,
да ја бакнеш толку диво и силно,
јазикот в уста да ѝ го ставиш за да не може збор да каже.
И ако те турка, ако те удира в гради и в рамена,
тогаш најмногу сака цврсто да ја стегнеш.
Да не може да мрда.
Тука, во прегратките твои да се смири.
Тука да си го најде мирот и на ниту едно друго место.

Таа е една од оние кому изговор им е пијанството.
Секогаш ќе те бара кога е пијана.
Ама повеќе луда ќе биде по тебе од пијана.
Ќе ти дојде пред врата и ќе лупа на неа како лудачка,
дур’ не излезеш ти,
дур’ од очите не ти прочита дека е готово,
дур’ во тебе негде не види дека веќе ништо не останало за неа,
таа кај тебе ќе доаѓа.
Оти не е горделива.
Ќе сака да е сакана.

Ама ако еднаш сфати дека веќе ја нема,
дека исчезнала од срцето твое
ќе каже дека си глупак,
дека исиот си,
дека ти не знаеш што пропушташ.
Но длабоко во душата среќа ќе ти посака.
Ќе сака да те види среќен.
Насмеан.
Макар и со друга.
Со различна од неа.
Оти кога човек вистински некого сака,
сака да го види саканиот среќен,
дури и во туѓи раце.

Ете таква е таа.
Ретки се таквите ко неа.
Една е.
Една низаедна!

Напишете коментар