Пропуштена прилика

Има ли нешто поинтимно од молчење на телефон? Те прашува прашање и молчиш. Молчи и другата страна и те слуша како тивко дишиш и подголтнуваш и се бориш со сите монструми што пливаат во неизреченото.

“Ќе речеш нешто?” На смеење по неколку минути ќе прозбори.
“Да знаев ќе речев.” Велиш тивко, насмевнато, уплашено. Знаеш што сакаш да речеш. Секако дека знаеш. Уште пред да го подигнеш телефонот имаш триста монолози в глава што и Шекспир би го засрамиле, ама молчиш. Молчиш и дишиш и зборовите ги голташ и се молиш да те разбере меѓу зборови. Ако е вистинско ќе разбере нели? Ако е вистинско ќе те стави во незгодно. Ако е вистинско нема да дозволи да се извлечеш со тишина.

“Не ми ќути.” Ќе ти рече. Ама не вика и она што си го имаш во главата ти паѓа во вода. “Ај да смениме тема.” На крај избираш зошто премногу ова те допира, зошто не се монологува на секого и не се ќути со секого. Темата се менува. Приказната е завршена. Таа тогаш што е премолчена. Така барем мислиш.

Има ли нешто поболно од тоа да се сретнеш години подоцна в парк и да се гледаш од каршија? Да се насмееш и добиеш мала тажна насмевка што вели: Разбрав што не кажа вечерта.
Ама бурмата на прстот наеднаш да те заслепи, очите да ти ги извади од што ќе засветка.

Има ли нешто погорко од пропуштена прилика?

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?