Skip to content

Горчини

Секогаш кога сакам да си ја вкусам душата го земам ѓезвето. Ставам една лажичка турско кафе. Полна. Со врв како планина. Потоа ставам еден филџан вода. Нека вари. Нека клокоти кафето. Ни грам шеќер не ставам. Оти душата само преку кафето може да се вкуси. Нечии души се млаки. Нечии премногу слаби. Некои слатки. А нечии души, горчини. Во душата на човек да не му си. Душа ко кафе со еден прст кајмак. А кафето, горко – отров. И штом го потпивнеш, на дното од филџанот наѕирка талог висок два прсти.

E таквите души се најчудни. Оти некогаш токму такво кафе секому му треба. Да го расони. Очи да му отвори. Ако најдеш човек со душа ко јако, турско кафе, без грам шеќер, испиј го. Не размислувај многу. Нурни му се во горчината. Ѕирни под кајмакот. Види го талогот. Ама од талогот не пиј. Остави го, нека му тежи на душа. Не го чепкај талогот никако. Оти може да си замине човекот и никогаш веќе да не дојде. Да не се заврти. Та секогаш само луѓе ко млако кафе да среќаваш. Млако, слабо, слатко кафе. Кафе ко сите други. Што можеш секаде да го пиеш. Да не сетиш ниту дека си го испил. Да заборавиш.

Ама ако еднаш пробаш јако, турско кафе, без грам шеќер, зависен од него стануваш. Исто ко што се станува зависен од луѓето со души ко такво кафе. Сфаќаш дека убавината е токму во горчината. Во освестувањето. Во талогот на дното. Низ талогот се наѕирка душата. Што ти тежи на душа? И токму со луѓето со душа како горко, турско кафе, одат најубавите муабети. Такви се тие. Кајмакот дебел им е фасада. Да те залажат дека сè им е убаво. Дека лесно им е. А талогот… Талогот ќе ти го покажат покасно. Со ваквите луѓе, треба да си среќен ако те остават да пивнеш од нив. А штом еднаш пивнеш, стануваш зависен. И полека, полека… Тие сами ќе ти го покажат талогот.

Напишете коментар