Skip to content

Избројани прилики – Марија Бакиевска

  • by

Избројани ни се приликите
И времето кое го делиме
Тие како ѕвездено небо доаѓаат
Се спуштаат, па си заминуваат
Тие се како океански бранови
Едвај ги очекуваш, те удираат,
па потоа исчезнуваат!
И поминуваат денови
Копнееш за да се вратат,
трчаш за да ги сретнеш,
брзаш за да ги дочекаш,
едвај чекаш да си легнеш,
за да можеш барем на сон,
време со нив да поминеш!
И поминуваат години
Ја  даваш и последната сила,
за да здогледаш зрак од нив,
остануваш до наутро на прозор,
за да слушнеш глас од нив,
непрекинато мислиш, за да добиеш порака од нив!
И поминуваат различни сезони
Едни те креваат
Други те паѓаат
Едни те тестираат
Други те оценуваат
Едни те држат
Други те предаваат
И поминуваат различни очи,
и допираат различни раце,
и многубројни срца те потсетуваат на една душа,
и многубројни души те потсетуваат на едно срце!
А ти, како во незнаење
Јас на спротивната клупа, како во двоумење!
Сè помина…
Како во хор ова се кажува, како последна композиција се отсвирува!
Избројани прилики
Мене и тебе не делат драга душо
Колку губиме, кога вистински не се љубиме,
колку пропуштаме кога целосно не се предаваме,
колку овенуваме кога капка простување одбегнуваме да се напиеме,
колку празни остануваме,
кога себичноста од самите повеќе ја засакавме!
Избројани прилики
Се тие прегратките
И наутро пораките
И оние преку ден повиците
И оние нетрпеливи очекувања кога повторно ќе се видиме…
Оние солзи со кои се зборувавме
И оние насмевки со кои се охрабривме
Оние дланки на кои печатот си го оставивме,
и оние чекори кои последно ги приметивме!
Избројани прилики
Имаме низ годините
Низ радоста и болката
Низ ходникот и улицата
Низ градот и планините
Низ животот и патот до вечноста
Избројани прилики
Кои назад не се враќаат
И да тргнеш да ги бараш, не се наоѓаат
И сѐ да дадеш, повторно не се случуваат
И во себе да се затвориш, нив не можиш да ги задржиш!
Затоа драг патнику…. Она што се брои
Меморирај го
И ако имаш можност денес, направи го
За утре не одложувај го
И низ скршеност, да го создаваш
Подари го
И низ болка да го креираш, испрати го
И низ бура да го најдеш, чувај го
Само не го пропуштај
Во пустината на себичноста не го оставај,
со коментарите на другите не го затрупувај,
со похотите на телото не го изгорувај!
Подари го….

Напишете коментар