Ако нам љубовта не ни е дадена од Бога,
тогаш што ни дал Бог?
Дарежлив е тој,
па покрај маките и страдањата
нѝ вдахнал нешто силно во нас.
Нè благословил со љубов кон животот,
љубов кон светот.
Нè благословил со силна љубов за еден кон друг.
Лесна љубов нема.
Ако има лесна љубов, таа не постои.
Измислена е.
Замислена.
Љубовта е тешка.
Тешка и мислиш невозможна,
ко патот до манастирот Св. Василиј Острошки.
А јас токму таму сакам да ме одведеш.
Таму сакам да стигнам со тебе.
Со боси нозе, фатени за раце,
цврсто стегнати да зачекориме по патеката.
Знам дека ќе нѝ се чини невозможно.
Знам дека ќе изгледа нереално.
Некои ќе мислат дека сме луди
оти патеката едвај во обувки се изодува.
Ама знаеш кој чекори бос по неа?
Само оние со силна верба.
Само оние со чисто срце полно љубов.
Таквите со леснотија боси чекорат,
без мака се искачуваат,
студ и болка во стапалата не чувствуваат.
Оти се препуштаат.
Оти силно веруваат.
Затоа,
ако љубовта е тешка и невозможна
ко патот до манастирот Св. Василиј Острошки,
јас боса,
држејќите те тебе за рака,
сакам пред портите негови да стигнам.
Да се прекрстам.
Со чисто срце
и душа полна верба,
држејќи те тебе за рака,
внатре да зачекорам.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.