Охридски калдрми

Гледам како твојата сенка се притајува низ мракот. Полека се движи. Бавно. Смирено. Се доближува кон мене, а јас како замрзната стојам на калдрмата од уличката во стариот дел на градот. Темно е околу. Од прозорците на куќите наѕира бледа светлина. Еден стар фенер слабо ја осветлува уличката. Брановите од езерото се слушаат околу. Ја кршат немата тишина. Луѓето одамна се во домовите. Прибрани се во одмаралиштата. Само јас чекам да се доближиш до мене.

Слушам како чекориш. Се добилижуваш. Ти ја гледам силуетата. Светлината е толку слаба, што ниту ликот јасно не ти го гледам. Ама доволна е за во мракот да ти заблескаат очите. Како што се доближуваш кон мене, јас така почнувам нервозно да тупкам со топукот од моите сандали на каменот од калдрмата. Нервозно си ги прекршувам прстите чие пукање ми одекнува во ушите. Си ја наведнувам главата. Дали треба да те гледам додека ти чекориш кон мене? Си го слушам срцево. Како лудо ми бие во градиве. Што се случува со мене? Дали целосно ќе полудам додека не ти потонам в прегратки?

Ако не те гледам, чувствувам дека си поблиску. Ти го чувствувам мирисот. Убавиот мирис на машки парфем. А јас мирисам на крем за сончање. Толку многу ставам, што мирисот ми го впиле порите од кожата. И никако да се исончам. Бела сум како сиренце. Чувствувам како дланките ти се лизгаат по мојот грб, се до половината. Нема потреба да кажам нешто. Нема потреба ниту ти да кажеш нешто. Си ја потпирам главава на градите твои. Цврсто те прегрнувам. Онолку колку што можам. Дури ми стегаат рацеве. Посакувам да застане времето. Да престане. Цела вечност тука да останам. Потпрена кај тебе на гради. Во тебе заробена. Потоната.

По некое време, кое ми се чини дека траело неколку часа, а всушност биле две-три минути, се одделуваме еден од друг. Твојата дланка цврсто ја стега мојата или обратно. Се погледнуваме. Очите ни се насмевнуваат. Чекориме низ калдрмите од стариот дел на градот. Одиме до Канео. Седнуваме на ѕидот. Ти се оптегнуваш и си ја ставаш главата во мојот скут. Јас те галам. Со ноктите нежно те гребам низ коса. Секогаш кога се обидуваш да кажеш нешто, јас се наведнувам кон тебе. Ти се доближувам до усните. Ти го ставам јазикот в уста и ти поклонувам уште еден долг бакнеж. Градот спие. Наскоро ќе зазори. Небото добива некоја нова димензија. Станува посветло. А ѕвездите гаснат една по една. Езерото станува модро. Веќе не им е огледало на ѕвездите. Во него се огледува ново изгрејсонце.

Немата тишина ја кршат звуците од немирното езеро и криците на галебите. Дури и ваму горе се слушаат. Веќе со часови седиме на ѕидот. Тивкото ветре ми ја гали кожата. Си игра со локните од мојата светла коса. Не го чувствувам студот од летното зазорување. Топло ми е на душава додека си до мене. И ако молчиме со часови, убаво ми е. Не постои збор со кој може да се каже колку ми е убаво. Јас и ти може да разговараме до крајот на времето. Може да се разбереме без да си кажеме збор еден на друг. Да имаш таков човек во животот е најважно. Кога ќе го најдеш, нема потреба да ѝ се спротиставуваш на судбината. Не вреди. Таа пак ќе победи. Ко секогаш што победува.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?