Сончевите зраци продираат низ темната завеса. Си ги тријам очните капаци, а потоа бавно ги отварам очите. Твојата страна од креветот е празна, но на постелата секаде се чувствува твојот мирис. Затоа не ги сакам понеделниците. Не можам цело утро да се излежувам до тебе. Во твоите прегратки. Фрлам поглед кон столот, на кој минатата вечер ти ја оставив испегланата облека со мирис на лотоси. Ја нема. Си ја облекол. Покрај столот си ги исфрлил пижамите. Знаеше колку на почетокот збеснував кога ќе ги видев така истуткани на подот?
Полека се измолкнувам од под јорганот. Ги земам твоите пижами и ги диплам со насмевка на лицето. Во што ме претвори ти мене? Или јас самата ваква се направив од љубовта кон тебе? Сонлива чекорам кон кујната и го чувствувам мирисот на кафе. Ме чека полн филџан ладно, црно кафе. Токму онакво какво што сакам во лето. До филџанот има лист со порака и лале, скинато од дворот. „Уживај во денот, спанке. И не јади многу денес. Вечерва ти спремам нешто посебно.“ Ете затоа ти ги простувам пижамите на подот. Уживам во кафето. Потоа и во целиот ритуал од подготовки за на работа.
Обичен понеделник. Вообичаен. Не е посебен по ништо. Единствен исклучок е мојата желба по тебе, но и таа е константна. Не се менува од самиот почеток. Обврските течат. Чекам да измине последниот час од осумте работни часа. А токму тој, последниот, минува најбавно.Бавно чекорам до дома. Сакам да уживам во мирисот на липите кој е распослан секаде по тротоарите. Ја гледам куќата и веќе ми доаѓа да се насмевнам. Крајот на уште еден обичен понеделник му се ближи.
Бавно влегувам дома. Ги соблекувам чевлите на малечка штикла од кои ми пулсираат стапалата. Се слуша тивка музика од кујната. Веќе знам што ме очекува таму. Доаѓам полека. Те гледам ко ѕверка што си го гледа пленот. Те прегрнувам. Совршено се вклопуваш со целиот хаос кој си го направил. И смешно ми е. Ама и малку нервозна сум. На крај, јас ќе треба сето тоа сама да го средувам. „Не ме гледај така, ќе соберам сè на крај.“ Пробуваш да ме омекнеш, несвесен дека јас не ти се ни лутам.
Јас, прегладнета чекам да ми ја наполниш чинијата со тоа што си го подготвил. И не ми е грижа колку е загорено и пресолено. Земам големи залаци од чинијата затоа што таму е сместена најубавата состојка на светот – љубовта. Ти отвораш шише пиво, а јас со полна уста ти давам знаци дека сакам едно и за мене. Над целиот неред во кујната, стаклото од двете шишиња се судира. Клинк! Се слуша судирот, помешан со моето мљацкање.
Кујната останува во хаос. Немам сили да раскревам. Ниту имам желба да мијам чинии. Знам дека сум далеку од совршена домаќинка. Со полн стомак успевам да се вовлечам во моите пижами. Потоа се лепам на креветот до тебе. Ти буричкаш со дланката во кесата полна со смоки и пикаш цела рака в уста. Аман, како ти успева? Кесата останува некаде на масичката. Забораваш да ја фрлиш в ѓубре. Исто како што го заборави хаосот кој што го направи в кујна.
Знам дека вечерва ќе имам уште еден неуспешен обид да изгледам филм кој ти ќе го избереш. Не се ни сомневам во твојот вкус. Само очните капаци ми се потешки од желбата да гледам што ќе им се случи на ликовите. Заспивам така, затуткана во тебе. Знам дека откако ќе заврши филмот, ќе ме земеш в раце и ќе ме однесеш во спалната. И колку и да е хаос наоколу, колку и да ми бил грд денот, колку и да сме нервозни или разочарани, знам дека на крајот на денот в прегратки ќе ти потонам. А тоа ми е омилено место. Најубавото место на светот.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.