На големо задоволство на слушателите, на повидок е нов албум на Каролина Гочева, зад кој ќе застане продукцијата „Авалон“. Албумот се подготвува во соработка со Дуке Бојаџиев и со Исмаил Лумановски после голем број заеднички настапи и соработки. На албумот ќе бида застапени единаесет песни – преработки на едни од најубавите, подзаборавени композиции, чии оригинални автори се најмаркантните и најзначајни имиња во македонската забавна и џез-музика: Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и други.
Идејата за овој албум се родила во 2016 година, а оттогаш внимателно се работело на неговиот концепт, избирање на композициите и создавање нови аранжмани. Фокусот е насочен кон давање нов живот на некои од најубавите песни на домашната забавна музика, во комплетно нови аранжмани.
Овој спој на генијални музичари се идеална комбинација за уште едно одлично издание. Несомнено е дека новиот албум ќе предизвика огромен интерес кај сите љубители на овој жанр, но и кај пошироката публика. Албумот се снимал во јануари годинава во Македонската филхармонија.
Првата песна што ќе биде претставена наскоро со спот е „Идила“. Нејзин автор е Драган Ѓаконовски-Шпато. Оваа песна како најава за новиот албум беше промовирана денеска, а албумот ќе излезе наесен.
Со нетрпение ги очекуваме останатите песни, а дотогаш уживајте во преслушување на „Идила“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.