Кога ќе ѝ погледнеш на болката во очи

Никогаш не викај “тоа мене не може да ми се случи“. Животот и те како наоѓа начини да ти го докаже спротивното. Има моменти кога сосема невино ќе си помислиш “зошто баш јас и зошто баш мене?“ така неправедно, а имаш потполно право да го мислиш тоа. Тогаш ќе ти дојде една сила, некоја надземна која тивко те утешува. Ти шепка тивко: “така требало да биде бидејќи имаш мисија“. Потоа продолжува да те убедува: “тоа те прави посилна и поодлучна“. Сфаќаш дека внатрешниот глас е целосно во право.

Надземната сила е собрана во него, влезена е во секоја пора од твојата кожа и те придвижува напред. “Работите што не можеме да ги промениме, ги прифаќаме“, склучуваш пакт со себе. Во миговите кога водиш монолози со себе или нешто налик другиот во тебе, многу работи ти се разјаснуваат.

Кога ќе ѝ погледнеш на болката во очи, сфаќаш дека не се бега од нејзе. Порано или подоцна сите ја погледнуваат, на ваков или онаков начин. Можеби ќе ти се чини дека твојата болка е најголема. И тогаш ќе згрешиш. Бидејќи не можеш да знаеш колку боли туѓата болка. Баш токму поради тоа што не ја доживуваш ти.

Болката може да има и име, ако одлучиш да ја именуваш. Но може да биде и налик на човечко суштество, во неговата присутност или отсутност. Не постои човек што немал или нема доживеано таков вид болка. Што правиме со истата? Дозволуваме да нѐ погледне и таа нас. Ѝ овозможуваме да здоболи толку силно што ќе ја победиме, ќе ја надвладееме и одеднаш нема да ни изгледа преголема. Барем јас така правам со сопствената.

Благодарение на нејзе јас научив како е да се биде одлучен, цврст и силен човек. Ме претоври во поотпорна и поборбена личност. Не ѝ дозволив целосно да ме скрши на парчиња иако можеше тоа многу лесно да го изведе. Сум знаела и тоа да го дозволам, сѐ додека не научив јас да ја контролирам.

Кога ќе ѝ погледнеш на болката во очи, прегрни ја. Дозволи ѝ да те прегрне, но покажи и кој е главен. Стави ѝ до знаење дека таа треба да “работи“ во твоја корист. Како би можела болката некому да биде корисна? Прашајте ги поетите и писателите. Тие најдобро го знаат одговорот. Но еве ќе ви откријам, болката ги отвара очите многу повеќе дури и од најголемата среќа.

Затоа ја прегрнувам, бидејќи со секој ден таа станува помала, речиси и незабележителна. Некогаш се крие позади секоја насмевка, присутна е, демне наоколу, но не ѝ дозволувам да надвладее. Впрочем, како и сите останати. Сите учиме да живееме со неа, ни се крие позади секое гласно смеење или тивки солзи исплакани во мрак кога никој нема да ги забележи.

Таа се крие позади секоја тешка воздишка, како и сред обичен бел ден кога навидум си сосема супер расположен. Нејзините нијанси се во прашање, оние кои ја прават полесно или потешко поднослива. Нема да си храбар сѐ додека не научиш да живееш со нејзиното присуство. Нема да ја прифатиш како составен дел од животот додека не ја разбереш. Кој разбрал болка? Оној којшто единствена опција му била да ја прифати, оној којшто не можел да ги промени работите, оние што му биле надвор од контрола. Работи врз кои не можел да влијае иако од длабочините на душата посакувал да може.

Погледни ѝ на болката во очи и не се обидувај да ја избркаш. Погледни ја и обиди се да ја разбереш. Прегрни ја и во никој миг ниту потценувај ја ниту преценувај ја. Животот секогаш може да ти го докаже спротивното. Кога ќе ѝ погледнеш на болката во очи, прифати ја. Но не очајувај и не запаѓај во неа, само научи да се носиш со нејзе, како составен дел од тебе.

Таа те прави жив, иако скршен. Ти дава крилја, иако звучи иронично. Бидејќи во обидите да ја надминеш, се запознаваш себеси подобро. Кога се знаеш подобро, можеш да поднесеш сѐ што ти нуди животот. А тој ни го дава само она кое можеме да го поднесеме.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!