Кога конечно сказалките ќе покажат 16:00 часот, насмевката сама ми се развлекува низ лицето. Со колегите си посакуваме убав викенд. Ја префрлам чантата преку рамо и со огромно чувство на олеснување излегувам од работа. Два огромни денови за одмор. Два огромни денови кои знам дека ќе ми минат како две секунди. Ако е викенд, знам дека ќе имам еден куп домашни обврски, ама сепак некако се радувам.
Влегувам дома и ја фрлам чантата во ходникот. Нема да ми треба наредните два дена. Чевлите ги ставам во шкафчето и се радувам на тоа што стапалата конечно ќе ми се одморат во патики цели два дена. Ѕиркам во дневната соба и гледам дека си стигнал дома пред мене. Си се оптегнал на креветот и попладневната дремка веќе те навасала. Тивко ја затворам врата и се селам под туш.
Како што водата ми се слева од главата надолу, чувствувам дека се ослободувам од целата напнатост. Уживам во мирисот од купка на ментол. Признавам. Некогаш ставам од твојата купка за уште повеќе да мирисам на тебе. Излегувам. Облекувам пижами и пробувам да се пикнам на креветот до тебе без да те разбудам. Безуспешно. Стануваш. Седнуваш на креветот. А јас си ја ставам главата кај тебе в скут.
Не сме гладни. Ќе вечераме вечер. Во ресторанот што јас ќе го изберам. Ќе пиеме вино што ќе го избереш ти. И ќе се вратам дома малку поднапиена и од тебе и од виното. Стрелките брзо се движат на часовникот. Јас не сакам да мрднам од кревет. Ниту да си одберам фустан за вечерта. Не сакам порите на лицето да ги затнам со куп пудра и шминки. Не ми се мрда. Единствено посакувам времето да застане и да останам заробена овде, на кревет. Тоа би ми била најслатка робија. Ниту ти не сакаш да ги соблечеш пижамите. Уште помалку сакаш да облечеш кошула.
Уште една петочна вечер, која требаше да ни биде незаборавна, оди во заборав. Остануваме заробени на креветот. Во пижами. Гладни. Сонливи. Мора да станеме и да подготвиме нешто набрзина. Да се заситиме. Ти пржиш јајца со сирење, додека јас дробам зеленчук за салатата. Минералната вода е одлична замена за вино. Барем тогаш кога обврските од работната недела те изеле. Брзам да пуштам машина со шарена облека, додека ти ја ставуваш масата. Ем ќе фатам ефтина струја, ем нема да заспијам пред машината да допере.
Јадеме пред телевизор, гледајќи документарна програма за вонземјани. Не знам зошто толку ги сакам овие програми. Како да посакувам да ме киднапираат вонземјани за малку да одморам од овдешниот свет. Одеднаш ти потонувам в прегратки. Се губам во твоите бакнежи. Потонувам во тебе. Целосно ти се предавам. Заспивам стуткана во тебе. Се будам наредното утро. Гола. Во твоите прегратки. Сакам да ти направам кафе. Ќе биде ова уште еден обичен викенд.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.