Да не дозволиме човештвото да згасне – Ирена Блажеска

21 век, век на биолошка војна, години под маски, денови без насмевки. Денови претопени во непознати навики, денови прекрешни пред случајности на подвиткани надежи. Без илузии, со вистински навики и цели, со лажни сили и многу болка. Суштината на нашето постоење се изгуби во вчера. Се сведе на секојдневен немир, секојдневна борба од непознатото, од биолошкото оружје кое можеби е создадено од човечката рака за уништување на светот.

Човечката рака која ја уништи и последната капка надеж за спас на човештвото создавајќи болест која го држи светот во дланките. Короната е болест на 21-от век, на овие генерации кои сведочат за солзи крвави, истиснати од длабочините на душите. Ќе сведочат за болест која не исчезнува така лесно. Болест од која секојдневно очекуваш нови симптоми, нови патеки, болест која останува и кога ќе си замине.

За жал, тлее во нас и не дозволува за чекор напред. Не дозволува повторно да се насмевнуваме, да се прегрнуваме зошто пренослива е толку брзо, без осет. Маските поради неа стануваат секојдневние. Далечината станува навика, студот меѓу луѓето останува да вришти силно од болки.

Светот веќе не е ист, ништо повеќе не е исто. За жал веќе го нема нормалниот начин на живот. Нема секојдневни акции, нема искрени насмевки, нема прегрнување, нема блискост. Ништо нема, само далечина на која короната ставила своја круна и прогласила победа. Но зошто да биде така, зошто да победи злото, кога сѐ може да биде поинаку и подобро? Подобро кога совеста би работела во сечија глава, кога секој со секој би си подал рака, би си понудил помош и надеж.

Ајде да не дозволиме да згасне човештвото, да не дозволиме уште еден пораз. Да бидеме достоинствени пред борбата за живот без стрес. За денови во кои мислите ќе шетаат низ убавата ливада. За денови со подобро утре кон подобар свет.

Ирена Блажеска

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!