За кратко излезе од колата и оддалеку го здогледа (коучингот) или тренерот за животен стил на девојката со која живеат заедно. Не сакаше да го одмине и тргна да се поздрави. Од споредната страна, пак, го виде насмеаното лице на својата девојка. Се изненади, многу одамна не ја беше видел среќна и насмеана. Си помисли дека доаѓа него да го поздрави, но, многу се излажа. Таа, со трчање се фрли во прегратка на човекот кој требаше духовно да ја збогати. Со невидена страст се гушкаа, бакнуваа и милуваа. И тоа сред бел ден!
„Барем, залудно не отишле парите, навистина успеал да ја орасположи” – си помисли со нескриен сарказам. Додека немо го гледаше призорот, не почуствува ништо, ниту бес, ниту тага или слични емоции. Со денови бараше начин и момент да ѝ признае дека не ја сака повеќе, за да се разделат на мирен начин. За среќа и таа го мислела истото и веднаш се пуштила во “акција “. Тазе вљубените гулапчиња не го забележаа, па, тој неприметно влезе во колата и продолжи по својот пат.
Требаше да ѝ биде благодарен, го ослободи од непријатните и долги разговори што разделбата ги носи. Подолго време не функционираа добро, сепак, се изненади од брзината со која го замени со друг. Некако почнаа да се разминуват, не разговараа, не се договараа, не си ги кажуваа проблемите…По патот, прилично смирено размислуваше со колкава леснотија, почнуваа, а истотака завршуваа врските, па и браковите. Тоа не е добро, му требаше некоја со која ќе може да разговара за сѐ, не сакаше да си го губи времето со погрешни девојки, туку да биде сакан и да сака.
И пријателите имаа слични проблеми, можеби проблемот е на неколку генерации, како сите да беа збунети, и недоволно сакани. Мораше, до крај да биде искрен со себе, ниту тој даваше сѐ од себе и затоа сите врски му завршија неуспешно. Не е време да мисли за нова партнерка, неколку пати се изгоре и во иднина ќе размисли пред да донесе некоја одлука. Тоа си го вети на себе! Веќе длабоко навлезен во четвртата деценија од животот, си призна дека оддамна не ја живее љубовта, можеби само ја испробува.
Во дијалогот кој го имаше сам со себе се прашуваше:
– Живееме во време, каде на секој чекор се зборува за духовноста околу нас, зошто, тогаш најмалку духовност има во нас?
– На сите ни се достапни правила за совршена љубов, но, ретко кој навистина ја живее. Каде грешиме?
И неговата, сега бивша девојка, пред некој ден, стави заедничка фотографија на социјлните мрежи на која бликаат од среќа и благосостојба. Тажно, зарем не! Ретките го живеат вистинскиот живот, без лажни насмевки и искривени морални вредности, останатите ја имитираат среќата. Некако сите работат на себе, а најмалку знаат за себе и туѓите потреби. Можеби некако и ќе одглумат среќа, но длабоко во себе се несреќни и неисполнети.
Кога стигна во станот забележа писмо и испразнети плакари на девојката со која го делеше креветот. Не сакала ниту да се соочи со него! Не го прочита писмото! Ја знаеше вистината и не му беа потребни додатни објаснувања…Ќе си даде време, ќе си ја почитува слободата, но, ќе биде отворен за нови прилики. Време е да се разбуди, треба повеќе да отслушкува околу себе, да научи искрено да сака, за да биде сакан.“Будење!” – со насмевка си кажа самиот на себе.
Силвана Панева