Skip to content

Недостасување

Сто пати ги накуца тие зборови и сто и еден пат ги избриша. Можеше да биде едноставно. Можеше да биде проклето едноставно само ако ѝ ги испратеше тие два збора. „Ми недостигаш“. Една заменска форма и еден глагол. Толку. Два збора на кои претерано мислеше. Два збора кои постојано ги куца со прстите, а потоа ги брише. Два збора кои застануваат како кнедла в грло и не се изговараат. Лесно се пишуваат на тастатура, ама речиси никогаш не стигнуваат онаму каде што се наменети.

Мислеше дека неа ѝ е лесно. Дека е мраз студена. Дека секогаш таква била. Само малку глумела секогаш кога ќе му кажела убав збор. Секогаш кога имала излив на емоции кон него. Ама ниту таа не беше нешто подобра од него. Постојано ги гледаше неговите фотографии. Сто пати ги разлистуваше заедничките разговори. Неговиот број стоеше избран во нејзиниот телефонски именик и посакуваше самиот телефон да го повика. Додека е зафрлен некаде во ташната, преполна со непотребни работи. Или додека е притиснат во џебот од нејзините фармерки.

Му напиша неколку стихови. И посакуваше да ги изгуби листовите на кои беа запишани зборовите. Да го однесе некаде ветерот. Ако може нему в раце да му ги однесе. Посакуваше да ги избрише. Да не ги чита. Ама не можеше. Одново и одново тонеше во метафорите. Меѓи редновите. Тој ѝ се беше изгубил некаде во мислите. Во фантазиите. Сè во врска со него беше толку интензивно. Толку проклето добро. Толку чисто. И не можеше да престане да му пишува стихови. Можеби и никогаш нема да престане да му пишува стихови. Но ќе знае ли тој? Ќе знае ли тој за кого се стиховите?

Им преостана да веруваат во случајност. Дека случајно ќе се сретнат. Дека случајно ќе си ги видат очите еден на друг. Дека нема постојано градот да ги крие еден од друг. Само ако таа беше малку похрабра. Само ако тој малку ѝ прогледаше низ прсти. Само ако… Ако… Ако… Можеби двата збора ќе стигнат кај неа токму тогаш кога ќе ѝ бидат најпотребни. А можеби нема да ги прочита никогаш. Можеби тој ќе ги разлистува нејзините стигови и во нив себеси ќе се огледа. Можеби, еден ден, еден на друг в прегратки ќе си потонат. Можеби. Некој ден, Некоја квечерина…

Напишете коментар