Skip to content

Птица в лет – Софија Петковска

  • by

Во секој од нас вресок се крие,
го држиме цврсто за уздите,
до ‘срж живи нѐ јаде,
на нас останува дали ќе се спасиме.
А јас,
сал врапче бев,
мало и кротко,
заробено в кафез,
со срце кое трепери
и скршено крило,
потонато во очајот и тагата,
изгубено во мислите свои.
Глас имав,
но не можев да пеам,
при глас јас нема бев.
И тогаш душата крикна,
се распара,
синџирите реши да ги скрши,
ова мое срце ко балон пукна,
та отворив уста,
проговорив,
запеав,
летнав во небото,
отворив срце,
поетеса се сторив.
Дал’ во шифри и кодови скриен
ил’ обелоденет
на сончевината од денот,
во секој стих давам здив од мене,
емоција
и живот.
Сега слободна сум птица,
летам в небесна шир,
умот е кроток,
а душата најде мир.

Напишете коментар