Помеѓу животот и смртта

Помеѓу животот и смртта е првата воздишка и плачот кој јачи од длабочината на кревката и невина душа. Како знак за еден нов почеток овековечен во тој единствен момент на сечење на папочната врвца. Меѓу првата и последната дестинација се наоѓаат сите моменти.

Помеѓу животот и смртта се наоѓаат сите наши спомени, солзи, насмевки, надежи, желби, мечти недомечтаени. Таму спијат миговите кои засекогаш ќе се дел од нашата животна приказна. Која можеби нема целосно на сите да им биде позната, но важно е да ја знаат оние што ни значат најмногу.

Помеѓу животот и смртта лебдат илјадници денови. Некои топли како јулско сонце кое полека се спрема за заоѓање. Додека некои се студени како ледот во Антарктикот, а некогаш се некоја чудна мешавина како четири годишни времиња во 24 часа. Деновите неповратно си минуваат, нешто налик времето мерено во години.

Помеѓу животот и смртта постојат илјада причини за радост. Дури и кога е тешко да се најдат во очајни мигови. Оние кои не ја изгубиле способноста да се радуваат, да го ценат секој миг кој денот го носи, ја сфатиле суштината на живеењето.

Помеѓу животот и смртта чекориме на стотици различни начини. Со насмевка или без, со крената или спуштена глава, со рацете во џебови празни или со душа полна богатство. Чекорот нѐ води онаму каде што треба да бидеме, некогаш и без наша целосна свесна волја. Припаѓаме таму каде што треба да припаднеме, некогаш целосно на себеси, а некогаш несвесни дека единствено на самите себе целосно си припаѓаме.

Помеѓу животот и смртта се испречени милиони часови проживеани на овој или оној начин. Секој почеток има некаков крај, несомнено дека она што почнува мора и да заврши. Ништо не е вечно, освен она што ќе го оставиме зад нас, кое посведочува за нашето минато постоење.

Помеѓу живтот и смртта, се прегрнува животот најцврсто и се сака со целото срце и душа. За црната крадачка на најскапоценото да не може лесно да ве раздели. Отклучете ја љубовта и пронајдете го мирот во себе, а потоа ставете клуч на сите нешта што ви создаваат немир.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?