Чекајќи да помине денот, поминала неделата,
се истркалале месеците, летнала годината,
и од уште една пролет до следната зима,
собираме само трошки од животот,
чекајќи ги вистинските нешта да се случат,
не гледајќи како се трошат убавите нешта околу нас,
не гледајќи како ги грабаат другите
малите радости радувајќи им се,
им го исполнуваат животот,
а ние сѐ уште чекаме
да ни се случат големите.
Чекајќи ги големите, вистинските нешта,
го пропуштаме животот да ни протече
низ прстите,
како жив песок меѓу рацете, како жива вода
низ очите,
не му се радуваме на изгрејсонцето,
ниту на младата месечина,
ниту на книгите прочитани,
не гледајќи ги другите како ги пеат нашите песни,
како не градат ѕидови,
како отвараат порти за да им влезе среќата,
оти таа нели еднаш иде.
Да ветиме и да не чекаме повеќе
радоста сама да ни дојде, оти неа нели ние сами
си ја создаваме,
од насмевките на нашите сакани,
од прегратките на нашите најмили,
од убавите, мали нешта,
ајде да го живееме животот,
оти нели саде еден го имаме
и многу е краток да го поминеме,
чекајќи ги големите нешта сами да ни дојдат.
Снежана Паноска
Од стихозбирката „Илјада ѕвезди“