Големиот поет и уште поголем борец за слобода, стрелан е кај Гранада, уште во 1936 година за време на Шпанската граѓанска војна. Бил противник на Франк, фашизмот и сè што ќе следи само неколку години подоцна. Противник бил на едноумието, тиранијата и омразата. Неговата борба ја водел во име на слободата и љубовта.
Според некои историски извори, Федерико, на самиот чин на неговото погубување ги гледал своите џелати в очи. Бил застрелан рецитирајќи ги следните стихови:
„Што е човекот без слобода, о Маријана?
Како да те сакам, кога не сум слободен?
Како да ти го дадам моето срце, кога тоа не е мое?“
Дали е возможна љубовта без слобода?
Дефиницијата за слобода не е ограничена само на слободата на движење. Во неа спаѓа и духовната слобода. Слобода на говор, слобода на избор, слобода на љубов… Ако душата на човекот е заробена од омразата и од грижата за своето постоење, во неа нема место за љубов.
Фашистите владееле преку стравот. Преку него ја освојувале послушноста на граѓаните. Кога стравот влегува во човечката душа и човечкиот ум, значително ги ограничува. Човекот не гледа подалеку од себеси и своето постоење.
Токму тоа му пречело на овој славен поет. Тој не се плашел од сирмаштијата, туку од тоа да не се изгуби себеси. Се плашел од губење на емоциите, љубовта и емпатијата. Од губење на душата. А тоа е нешто највредно што можете да го изгубите. Повредно е и од самиот живот.
„Отидов по мојот пат,
не знаејќи дека те сакав.
Не знам какви се очите твои,
твојата коса, ниту твоите раце,
но на чело уште ми гори
прекрасниот бакнеж од пеперутка.“
За неприфаќањето на животот без љубов од страна на Лорка, сведочи неговото враќање од САД во новооснованата Шпанска Република во 1931 година.
Верувал дека во капиталистичките земји се живее без љубов, дека тамошните луѓе живеат само за пари и дека се нурнати во нивната алчност. Како свој политички идеал го прифаќа социјализмот и целата слобода.
По победата на социјалистите во Шпанија, назначен е за директор на студентскиот патувачки театар „Ла Барака“. Со него патува низ цела Шпанија. Претствувајќи ги шпанските класици, се обидувал да ја доближи културата до луѓето. Преку оваа фунција ја спроведува својата идеја за социјалната улога на театарот.
Ако умрам, оставете го балконот отворен
Во својата неверојатно кратка песна, „Збогум“, Лорка ги опфаќа сите периоди од човечкиот живот. Го претставува својот крај. Но со тоа што балконот е отворен, наговестува нов почеток.
Отворениот балкон претставува поглед на светот. Желба за продолжување на животот и нови предизвици. Овде се огледува желбата да се стави крај на животот без слобода и без љубов. Преку оваа песна, на некој начин, Лорка, ја предвидува својата иднина. Успева да ја претстави својата животна филозофија во неколку стихови.
Песната само навидум има песимистички тон. Иако темата е смртта, таа е оптимистичка. Исто како неговата смрт. Фашистите убиле само човек, но неговата идеја останува да живее до денес.
„Ако умрам,
оставете го балконот отворен.
Дете јаде портокал.
(Гледам од мојот балкон.)
Косачот коси жито.
(Слушам од мојот балкон.)
Ако умрам,
оставете го балконот отворен.“
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.