Летав во небесните височини со раширени крилја. Бев слободна и полетна како пеперутка. Одеднаш сите грижи ги снема, немаше чувство на тежина, немаше апсолутно ништо. Чувството беше заокружено со слободниот лет од кој се чинеше нема крај. Навистина немаше, летав во еден бескраен и неограничен простор во облаците, со леснотија. Си велев „вака би требало да изгледа рајот што го гледаме во соновите“. „Дали сум во рајот?“, се прашував. Никаков одговор. Не ми беше ни потребен, знаев дека сум слободна и во тој момент само тоа единствено ми беше важно. Спокојно ги ширев крилјата, летав сѐ повисоко и повисоко, од земјата долу немаше траг, не беше видлива со око.
Како што со крилјата се движев слободно, одеднаш левото крило почна да се крши и почнав да паѓам. Изгубв контрола над летот, не можев да се вратам на нормалното летање. Крилјата не беа во рамнотежа, левото крило ме болеше и ја изгуби својата подвижност. Почнав само надолу забрзано да се спуштам. Беше тоа некој лет т.е. пад во слободно движење. Не знам со која брзина во час се движев, очигледно беше дека не ми е грижа колку брзо или бавно се спуштам.
Како што се спуштав надолу, како на лента ми се движеа сите поважни спомени од животот. Од најрано детство, до најскорешниот миг. Одеднаш паѓањето се забрза и почувствував дека останува уште малку време пред да пропаднам во провалија. Немаше земја, немаше езеро или море во кое би потонала и би се удавила од силниот пад. Беше тоа некоја бездна која беше подготвена да ме проголта. Пред да паднам во нејзините канџи и да заминам во неповрат, се разбудив од сонот. „Ух, токму навреме се вратив од другата димензија“, си помислив и се издишав со олеснување. Ми остана само помислата дека мојата потсвест се обидува да ми испрати некои знаци.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.