Миле Ѓорѓијоски – ОД МРТОВ АГОЛ (спортски афоризми)

Во знакот  на Европското првенство (ЕП) во фудбал на ЕУФА следуваат спортски афоризми од Миле Ѓорѓијоски. Дека фудбалот може да биде инспиративен и за пишување, следниве мисли се доказ. Прочитајте ги во продолжение, а ние веруваме дека ќе им измамат насмевка дури и на оние кои не се љубители на овој спорт.

По секоја победа на нашата репрезентација нема да го фрлам телевизорот низ прозор. Немам пари по секој натпревар да купувам нов телевизор!

И тој и жена му си ја гледаат работата. Тој гледа ЕП во фудбал, а таа се гледа со комшијата.

Комшијата нема трезен да го дочека крајот на мечот! Вели после секој погодок на нашите фудбалери ќе пие по една дупла на екс!

Среќа наша што ЕП ВО ФУДБАЛ не го организира ЕУ. Постојано ќе губевме во ТРЕТОТО ПОЛУВРЕМЕ!

Публиката беше наш дванаесет играч – само таа и играше.

Си остана на збор. Го продаде натпреварот на чесен збор.

Има и фудбалери чиј збор пари вреди. Оние што ги продаваат натпреварите на чесен збор.

Ја спасија честа на фудбалот – чесно изгубија!

За добри резултати потребно е да се вложуваат пари во фудбалот. На пример, да се купуваат фудбалски натпревари.

Добро е што во времето на Адам немало ЕП во фудбал. Ќе дал ребро за да го следи во живо!

Откако започна ЕП ВО ФУДБАЛ најлесно доаѓам до сладолед. Доволно е да му застанам на тато пред телевизорот.

Има докази дека во времето на Сизиф не се играло фудбал. Затоа место фудбалска топка туркал камен кон врвот.

Знам што велел Ајнштајн кога ќе изгубел тимот за кого навивал „Сѐ е релативно“!

Добро е што нѐ има на сите континенти. Нашите победи ќе се слават на целата планета.

Фудбалот не е витешка игра! Витезите не играле фудбал.

Не е точно дека тато постојано пцуе додека гледа фудбал. Не пцуе кога е топката кај на нашите фудбалери.

Грците се жалат само на македонскиот дрес. Значи, ги преболеле головите што ги примаа од Дарко Панчев.

За разлика од политиката фудбалот е витешка игра.  Таму никој никому не може да му стави вето.

Грците се жалат на ознаката МКД. Добро е што не играат  на ЕП, ќе се жалеа и на резултатот од натпреварот.

Не се обложувам на денешниот натпревар. Не сакам да печалам на потта на нашите фудбалери.

Нашите противници се неинформирани. Се однесуваат како да не знаат дека сме посилни од нив.

Ние сме лута фудбалска нација  Нормално, кој губи има право да се лути.

Некогаш: СКОПСКО… Денес: ЕЛМАС, БАРДИ, ПАНДЕВ и сѐ е можно!

Нашите фудбалери се големи патриоти. Место да танцуваат, го играат тешкото на теренот.

Имаме тим за победи. Кој ќе стигне нѐ победува.

Има разлика: ние играме, а противниците си поигруваат со нас.

Судијата немаше три чисти. Им досуди на противниците – три пенали.

Откако почнаа натпреварите да се играат во работно време, многу административци почнаа да си ја гледаат работата – гледаат фудбал.

Ние и во поразите сме големи. Ако се суди по бројот на примени голови.

По секој постигнат гол нема да пијам ни СКОПСКО, ниту ДАБЧЕ! Сакам трезен да уживам во победата.

Денес е ден за менување на историјата – фудбалска!

Прочитајте ги и следниве афоризми од истиот автор.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!