На 16 јуни 1943 година (пред 78 години) се стрелани 12-те ваташки младинци во месноста “Моклиште“. Бугарските фашисти стрелаа 12 младинци од с. Ваташа, кои беа соработници на НО движење.
Славко Јаневски ја посветува песната на овие овенати цветови кои засекогаш ќе крварат во нашите срца.
Цветови
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.
Последна солза од око капна…
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
“Мајка ми сама остана в село”.
О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче…
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин…
Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.
Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
“Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради”.
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.