Неповторливоста на мигот

Додека трепнеш поминала секундата, така по нејзе летаат часовите, а по нив деновите. Тие пак, неприметно се слизнуваат низ нашите животи и додека се свртиш поминал месец. Месеците пак менувајќи ги со себе годишните времиња ни ги крадат годините, а овие па ни прелетуваат без запирање.

Во неповторливоста на мигот се собрани сите сегашни времиња на светот. Моето сегашно време во овој миг, твоето сегашно време, туѓото итн. се содржани токму во овој миг. Него го имаме единствено целосно, кој пак преминува многу брзо во “после’, “вчера’, “завчера’, “лани“…

Кога не сме сконцентрирани на “овде“ и “сега“, ние не уживаме вистински во мигот што го имаме на располагање. Заглавувајќи се во анксиозните мисли што почнуваа со “што ако“ или “ако се случи тоа“, ние ја пропуштаме можноста да му се препуштиме на сегашното време. Не смееме да си го дозволиме тој погрешен чекор. Во самите нас лежи клучот кој ги отвара вратите кои ние ќе посакаме да ги отвориме.

Во неповторливоста на мигот се наоѓаат сите минути што не се враќаат назад. Ниту една минута не е иста со претходната. Денешниов ден не е ист со вчерашниот, а нема да биде ист ниту со утрешниот. Мигот не се повторува два пати идентично, тој е еден и неповторлив.

Доживувајте ги неповторливите мигови со отворени умови и чисти срца. Радувајте му се на секој миг во неговата целоност и неповторливост. Да, можеби сто пати претходно сме виделе зајдисонце, сме му се восхитувале и можеби сме го фотографирале. Но сто и првиот пат е доживеан миг на уживање во зајдисонцето кој ви се случува тогаш. Не сте го искусиле истиот миг претходно. Дури и ако точно на истото место и во исто време го гледате зајдисонцето.

Вие сте се промениле, животот во меѓувреме течел, а и вие поинаку гледате на нештата околу вас. Тие  сто пати доживеани зајдисонца не сте ги гледале со истите очи, со истото воодушевување. Е, токму таа е моќта на присутноста во мигот. Да се ужива комплтено во тој неповторлив миг. Како да нема да го доживееме повторно. Бидејќи и нема да го доживееме комплетно ист како претходниот.

Изгревањето и заоѓањето на сонцето, раѓањето на денот, спуштањето на ноќта. Сите навидум секојдневни работи кои ги правиме постојано се посебни на свои начин. Само треба да запреме за миг и да дозволиме да ги почувствуваме. Поминувате покрај некоја ливада? Почувствувајте го мирисот на цвеќињата во тој миг, подлабоко. Погледнете ги шарените пупки кои штоутку расцветале.

Кучето што потрчува во тој миг низ тревата, какво е, која боја му има крзното? Обрнете внимание на ваквите навидум незначајни детали. Забележувајте ги сите надворешни случувања околу вас кога ќе тргнете на прошетка. Ќе видите многу.

Моќта на целосно уживање во мигот е вештина на која треба да се работи. Иако на прв поглед изгледа како наједноставната работа на светот.

Н.Н

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!