Жан Жак Русо, основач на модерната педагогија

Жан-Жак Русо (француски: Jean-Jacques Rousseau) (28 јуни 1712–2 јули 1778) бил женевски филозоф, писател и композитор од периодот на францускиот романтизам. Роден е на денешен ден.

Неговата политичка филозофија влијаела на Француската револуција, како и на општиот развој на модерната политичка, социолошка и образовна мисла. Неговиот легитимитет како радикал и револуционер е можеби најдобро прикажан во „Општествениот договор“: „Човекот се раѓа слободен, а секаде е во окови“. Исто така, тој бил и успешен музички композитор. Напишал неколку опери, како и други музички дела, а имал придонес кон музиката и како теоретичар.

Животопис

Русо бил познат по неговиот незгоден карактер и верувал дека целиот свет го мрази.

За време на Француската револуција, Русо бил најпознат од „филозофите“ меѓу членовите на Јакобинскиот клуб. Останките на Русо, кој бил масон, се пренесени во парискиот Пантеон, како национален херој во 1794 година, 16 години по неговата смрт.

Делото на Русо

Жан Жак Русо е соработник на „Енциклопедијата“, но  ненадејно се здобива со популарност со статијата „Дали обновата на науките и уметностите придонела кон моралното прочистување?“, која предизвикала голема внимание, пред сè, поради актуелноста. Вистинскиот текст со кој Русо се прославил со покритие бил текстот „За потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето“, кој е вистинска академска расправа во која Русо ја изложува јатката на својата политичка мисла. Своите филозофски ставови ги искажал во текстовите „Општествениот договор“ (со идеи за можни реформи на државното уредување) и „Емил или за образованието“ (трактат за воспитанието на човекот кој би требало да се вклучи во граѓанското општество).

Русо од своите современици се разликува по тоа што го негира разумот на сметка на чувственоста. Неговата љубов кон природата е во согласност со тезата дека смислата на човечкиот живот е во чувствата и во неговата хармонија со природата.

Русо, кој инаку не ги сакал театарот и романот, се решил на оваа форма сакајќи да ја искористи нејзината еластична форма и во неа вметнал различни видови на текстови – расправи и трактати за различни проблеми од неговото време.

Според овие одлики, неговите дела „Јулија или Новата Елоиза“ (епистоларен роман кој доживеал невидена популарност), „Португалски писма“ (несреќен љубовен роман), а особено „Исповеди“ (во кои писателот станува лик во делото во кое инсистира на самоанализата на чувствата и на имагинацијата), припаѓаат на сентиментализмот, но во творештвото на Русо препознаваме и некои елементи (субјективноста, музикалноста, лиризмот, чувството за природата), кои ќе го определат како предвесник на романтизмот.

Човештвото мора да се врати на природата

Русо, во согласност со владејачкиот дух на просветителството, верувал во моќта на човечкиот разум, како дар што го добиваме од природата и верувал дека човештвото мора да се врати на природата.

Тој беше меѓу првите кои ја истакнаа важноста на детството, како природна состојба на невиност, и ја истакна важноста на доброто воспитување – клучен елемент во развојот на човекот.

Во 1762 година, тој го објави педагошкиот роман „Емил или за образованието“, во кој ги посочува важните родителски должности и ги презентира основните педагошки методи, неопходни за правилно воспитување на идните граѓани.

Бидејќи сме родени слаби и неуки, ни треба помош, особено педагошка помош:

„Сè што ни недостасува при раѓање и што ни треба кога ќе пораснеме, ни го дава воспитувањето.“ Само природно воспитување создава услови што го поттикнуваат слободниот развој на детето .

Вовед во индивидуална педагогија

Образованието, според сфаќањето на Русо, е темелот на општеството. Неговите педагошки погледи се главниот извор на идеи за индивидуална педагогија.

Русо прави пресврт во тогашната  педагогија, поставувајќи го принципот дека воспитувањето започнува од детето, неговата природа, интереси и потреби.

Во образованието на учениците со попреченост, се применува поттикнување на когнитивниот развој и моторните вештини преку различни методолошки пристапи. Индивидуализацијата на образовната работа е исто така едно од барањата на Русо, кое интензивно се применува во последните децении во работата со ученици со пречки во развојот.

Три начини на воспитување

Русо истакна три вида на воспитување, кои се исто така услов за здрав раст на детето:

– образование под влијание на самата природа, кое ги развива човечките способности;

– образование што го насочува човекот, учејќи го детето да ги користи своите природни дарови;

– образование што се реализира преку влијание на нештата од детската средина; детето на тој начин стекнува непосредно искуство.

Воспитувањето што едно лице треба да го обезбеди целосно зависи од самиот него. Образованието што е делумно условено од човековата акција е она кое е добиено од работите околу нас, а потполно независно образование (на кое не можеме да влијаеме) е она што доаѓа од природата.

Политичка мисла

Како претставник на радикалната концепција на природно-правната теорија за граѓанското општество, Русо особено обрнува внимание на две суштествени состојби.

Прво, Русо, за разлика од останатите теоретичари на природно-правната (договорната) теорија, општеството што настанува по пат на склучување општествен договор го сфаќа како „морален и севкупен организам“, како „општествен човек“ што „своето единство, заедничката идентичност, живот и волја“ ги стекнува како резултат на „отуѓувањето“ (во смисла на нивно органско пренесување) на природните права на членовите-создавачи на тој договор и нивно „пренесување“ на новата државна (органска) заедница што ја создаваат.

Секој државјанин – ќе рече Русо – да биде сосема независен од сите други, а целосно зависен од државата. Тоа се постигнува секогаш со истите средства, зашто само силата на државата ја прави слободата на своите членови. „Граѓанските закони се јавуваат токму во вториот однос“.

Препуштајќи ја во општа „сопственост“ својата личност, „секој член се претвора во неразделен дел од целината“. На оваа основа Русо ја прави разликата помеѓу волјата на сите (volonte de tous) и општата волја (volonte generale); „последнава ја гледа само општата корист, а првата – користа на поединците, па затоа е само збир на поединечни волји… За општата волја да дојде до вистински израз, мошне е важно во државата да нема одделни друштва и секој граѓанин да гласа според сопственото убедување“.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!