Дојди в Охрид – Гане Тодоровски

Во мугрите кога ги растури исток
по небето темно златистите зракој;
штом сонцето тргна проблеснато, чисто,
по пресните следи на ноќта и мракот;
езерните далги во утринен блесок
го гушкаат милно крајбрежниот песок,
– тогаш дојди в Охрид!

Кипарисот висок, дабјето крај патот
со ветерот кога ќе запеат песна,
низ полето кога се лулее злато,
Дрим разлутен бега под врбите ресни.
Галичица кога рој приказни реди
и мирот со шепот и трепет го следи,
– тогаш дојди в Охрид!

Темнината кога пласт кадифен фрли
и избега денот зад вршките снежни;
штом зативне ѕвонот од блиските трла,
а врз сводот темен ѕвездената мрежа
се распне, и светот в сон потонал длабок,
сал негде е слушно шумолење слабо,
– тогаш дојди в Охрид!

Во тихата вечер притаена, мирна,
штом месецот тргне по сводот да шета,
и некаде, таму в недогледот ширен,
саканата ѕвезда тој среќен ја сретне,
во одблесок чуден езерото сјае,
а околу светот е занемен, трае,
– тогаш дојди в Охрид!

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели