Зборовите да сечат ко срп

Некогаш сакам да не ја тупам. Да не заглавувам меѓу зборовите. Да не се задлабочувам во мислите. Да не се препуштам на фантазиите. Да бидам конкретна. Прецизна. Ко со срп да сечам со зборовите. Да можам толку јасно да кажам што чувствувам, па цел свет да знае. Да ми биде тоа лесно ко два и два. Ко први чекорчиња од бебенце. Ко заспивање после напорен ден. Посакувам толку лесно да можам да се изразувам. Да не заглавувам низ метафорите. Да не се заплеткувам меѓу лавиринтите низ зборовите.

Проклето нека е. Не можам. Јас не можам да кажам што чувствувам без да се расплачам. Без со солзи очиве да ми се наполнат. Без да се загушам во липање. Од среќа. Од тага. Од радост. Од нервоза. Од љубов. Од копнеж. Јас од сè се плашам. За сè плачам. Плачам кога раскажувам за тоа како се чувствувам. Дури и радост да е. И среќа да е. Мене солзи ми се тркалаат по образиве. Ете затоа не се обидувам да бидам јасна. Конкретна. Прецизна. Туку се кријам меѓу лавиринтите од зборовите. Оти кој би сакал некоја што ќе му се расплаче дури му кажува колку го љуби. Што ќе се загуши во солзи кога опишува колку е радосна со него. Што ќе плаче ко дете кое си го удрило коленото и видело крв секогаш кога некој ќе ја повреди. Кој?

Плачка сум јас. Голема плачка што одбива да чувствува. Оти плаче кога чувствува. Плаче од убаво. Плаче од ептен убаво. Плаче од тага. Плаче од жал. Плаче за сè и сешто. И одбива да признае дека чувствува. Одбива да си признае себеси дека чувствува. А што фајде од тоа? Што фајде од одбивањето? Што фајде од признавањето? Што фајде од тоа да ти признаам дека те сакам ко жртвата што си го сака џелатот? Што фајде и ако ја објаснам таквата љубов? Најсилна. Најискрена. Најчиста. Оти нема посилна од онаа љубов меѓу жрвтата и нејзиниот џелат. Таа се надева од него. Се моли за тој да не ѝ ја отсече главата. Иако е свесна дека главата ќе ѝ се истркала пред нечии стапала. Безживотна. Без сјај во очите. Џелатот ѝ е последна искра надеж. И го засакува. Со поглед му ја покажува љубовта. Моли да биде помилувана. Попусто.

Јас токму така сакам моите зборови да сечат. Ко српот на џелатот. Јасни да бидат. Кристално јасни. Јасни ко сонце на летна пладневина. Јасни ко чисто утринско небо. Да знае човек на што е со мене. Но не можам. Оти солзите сами в очи ми доаѓаат. Светкаат. Чекаат исплакани да бидат секогаш кога се обидувам да кажам што чувстувам. Затоа, ако треба да бирам улога, јас избирам да бидам џелат. Сопствен џелат ќе си бидам. Сама ќе си ја отсечам главава со срп. Ќе си го изгорам сјајот во очите. И пак солза нема да пуштам. Пак збор нема да кажам. Нема ниту да ти шепнам колку сум те љубела. Колку среќна сум била. Колку сум те мислела. Само за да не заплачам. Само за солза по образите да не ми се стркала…

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?