Марлен Дитрих – Борба за пантолони, еднаквост и сѐ измеѓу

Марлен Дитрих е родена на 27 – ми декември, 1901 година и е можеби една од најпознатите американски актерки со германско потекло.

Марлен во почетокот, на самиот пик, дури и на крајот на кариерата плени со својата интелигенција, грациозност, акцент и убавина. Но покрај сите овие атрибути, (кои секако се вредни за споменување) Марлен години подоцна го фаќа окото на младите генерации и  со својата невидена храброст доведувајќи до тоа да биде прогласена како една од најголемите феминистки во Холивуд.
Од каде да се почне, а да не се згреши?

Марлен, “Хејс” кодот и пантолоните

Дитрих е позната по филмовите што ги снима пред воведување на “Хејс” кодот во Холивуд (Еден вид на забрана за јавно прикажување на лгбт лица на филм) во кои јавно флертува со истиот пол, облечена е во пантолони (што тогаш е кривично дело) и филмовите по “Хејс” кодот, во кои, па скоро и ништо не е сменето, затоа што Марлен е Марлен и вградено е во неа тоа чувство да си игра со границата.

Бисексуалноста, андрогениот изглед на Марлен и дивите врски со двата пола, наместо да ѝ го срушат “имиџот”  тие само ѝ додаваат на шармот и ја зацврстуваат како една од најголемите “икони” во светот на филмовите.
Во 1933 – та година кога Дитрих патува со брод кон Париз, Командирот на Паришката полиција ја дочекува со изјава дека ако не се пресоблече ќе биде уапсена. Марлен на крај се пресоблекува, но во бело одело, беретка, наочари и капут, го фаќа смешкајќи се командирот под рака и заедно со него слегува од платформата.
Кога еден од режисерите се обидува да ја смени гардеробата на Марлен со тоа што ги крие сите пантолони на снимањето, Марлен два дена, во протест, се шета по долна облека додека не ѝ се вратат пантолоните.  Со тек на време Марлен станува еден вид на симбол на женската борба за еднаквост ( и во сферата на модата и општо).

Марлен и нацистите

Во периодот на владеењето на Третиот Рајх, Марлен, покрај личното барање на Хитлер одбива да снима филмови за Германија. Јавно го исмева диктаторот со изјавата во  еден германски воен магазин “Хитлер е идиот.” Вели Марлен лежерно и покрај цената ставена на нејзината глава, продолжува да се бори против нацизмот воедно и сексизмот ширум светот, притоа јавно откажувајќи се од германското државјанство.
“Марлен го виде она што Третиот Рајх го правеше на нејзината татковина и апсолутно го мразеше тоа.” Вели нејзин познаник.

Кога во 1960 година се враќа во Берлин, пречекана е со банери “Марлен оди си дома”, но во 2002–ра  година – 10 години по нејзината смрт е прогласена како почесен граѓанин на градот во кој е родена.
И ден денес нејзиното почивалиште е мета на напади од  нео-нацисти и конзервативци, но како што вели нејзиниот внук, тоа е знак за нејзиниот придонес и знак  дека Марлен сѐ уште се бори.

‘Да ѝ нема ништо друго освен гласот останато, со тоа ќе те скрши.’
– Ернест Хемингвеј за Марлен Дитрих.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?