Детелинка – Стефани Србиноска

Врнежливо утро. Темните облаци беа надвиснале над плеќиве додека чекорев кон непознатото. Дождот го беше натопил телово, та солзите тешко кој би ги приметил. Детелинка ми го пресече патот. Беше со четири лисја. ,,Ми се причинува” – си реков. Продолжив напред, но струја ме сецнуваше при секој мој чекор. Како да велеше – ,,Врати се, земи ме”.

Се свртев и подзастанав. Клечејки го допирав секој нејзин лист. Еден, два, три. Стигнав до четвртиот. Тоа навистина беше среќа. Ја скинав, знаејќи дека не ми припаѓа. Свесно ја зедов во преграткиве, иако веќе имаше свои. Бура на емоции, до сега непознати. Плач и смеа истовремено. Го знаете ли она чувство кога нешто недостасува, кога воздухот проклето не допира до белите дробови, туку само поминува колку да ги заслади? Чувството кога не сте ниту на земја, а ниту на небо, оти тоа е далеку, исто како и ти.

Утро по утро, деновите минуваа. Исполнети со лажни насмевки, или маска пред другите. Многубројните обврски го потиснуваа твојот лик во потсвеста, та ги создавав секој ден, сѐ повеќе и повеќе, знаејќи дека веќе сум изморена. Сепак, неминовно, ноќта пристигнуваше. Колку и да не сакав, колку и да ја мразев, таа знаеше да чукне пред мојата врата. Тогаш кога твојот лик бесрамно се прилепуваше во мисливе.

Сонував за мала скромна куќичка на едно среќно семејство. Дворче на смеа и радост. Дечиња. Сонував како те љубам секое утро додека се расонуваш. Како те заспивам на градиве без да ми досадиш. И тогаш кога ќе бидеме стари и изнемоштени, и кога сите влакна на косата ќе ти обелат, кога уморните раце ќе ме допираат по образов исто како и првиот пат. Сега, стојам под истото небо под кое заедно ги гледавме ѕвездите. Ти кажав дека имам своја, но ја нема.

Небото е тмурно и никакво, баш наликува на мене. Се потсетувам на последниот час под тоа исто небо, заедно, во твојата прегратка. Ќе се насмевнам, знаејќи дека се смееш таму некаде. Па, можеби ќе се сретнеме во некој поубав свет. До тогаш, детелинке.

Стефани Србиноска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?