Skip to content

Рендген на душата – Марија Бакиевска

Пред кои се гледаат само две бои

А таму назад стотици се кријат

Се гледаат два правци црно-бели

Целосни и нецелосни

Разбирливи или неразбирливи

Прочитани или недочитани

А таму назад всушност

Е целата слика

Рендгенот на душата

На кои често забораваме

Запознавајќи го некого, или познавајќи го,

тоа што гледаме го проценуваме,

а тоа што далеку ни изгледа го замаруваме!

Понекогаш го запоставуваме

Ставајќи ги наочарите на гордоста не го гледаме!

A таму назад всушност

Е целото битие

Рендгенот на душата

Со боите на скршеноста,

и со изрезбаните делови на болката,

со потписите на копнежите и со украсите на надежта!

А таму назад всушност

Си ти драг мој човеку

Твоето сѐ, твојот идентитет, твојата вредност, твојата уникатност!

Само си свикнат/та, да те проценуваат надворешно,

кога искреноста излегува од тебе,

тие гледаат како на симтом а не како на накит,

кога љубовта излегува од тебе тие гледаат како на слабост,

 а не како на дар,

кога сјајот излегува од тебе тие гледаат како на зависност,

а не како на мост за вистинско пријателство!

Само си свикнат/та, да те прифатат надворешно,

не целосно туку делумно, не ти, туку нештата од тебе,

не твојата убавина, туку „убавината” на минливоста,

не твојата инспирација туку нивната незаситност!

А таму назад всушност

Си ти убав мој човеку

Или со смислата на животот

Или со потрагата по целта на постоењето!

Или исполнат со изворот на вечноста

Или истоштен со капките на реалноста

Или подигнат со силата на Создателот

Или повреден со помошта на човекот

Или исцелен преку раните на Воскреснатиот!

Или докршен со преврската на лажниот!

А таму назад всушност

Си ти посебен мој човеку

Со срце кое како карпа бие

И со раце кои цел свет во себе држат

Со љубезност која на пролет мириса

Со одлучност која промена донесува

А таму назад всушност

Малкумина доаѓаат да те поздрават

Зашто не можат да се соочат

Не можат таква светлина да прифатат

Некои не знаат

Некои бегаат

А ги има и оние кои остануваат

Остануваат…

Во храмот на сликите кои ја прикажуваат таа појава

во која душата ти е облечена,

и срцето ти е отворено,

а копнежите се како нотите на она

што твојот живот го отсвирува!

А таму назад

Има и многу неоткриено

И она недовршено

И она сочувано и она понудено

И она срушено и она обновено

А таму назад

Драг мој човеку

Има повеќе од видливото

И многу повеќе од минливото

Има сила за понатаму

И желба за победа

Календар за убави денови

И бележник за небесни промени

Има повеќе од тоа…

Што едни очи можат да го видат

И еден разум кој може да го примети

Едни раце кои можат да допрат

И една сочувствителност која може да разбере!

Марија Бакиевска
(8.7.2021)

Напишете коментар