Да се биде благодарен не чини ниту еден денар. Бесплатно е. Да се биде благодарен не значи дека си наивен. Тоа значи дека го цениш она што го имаш или она што некој го направил за тебе. Ако во животот највредните работи ни се бесплатни, зошто тогаш на луѓето им е тешко да покажат благодарност?
Благодарноста е една човечка доблест која секој треба да ја поседува. Да бидеме благодарни кон себе, кон најблиските и кон сѐ што не опкружува. За секој нов ден што се издигнал од темнината, за секоја минута помината во спокој. За секоја ноќ што се спушта откако денот полека се повлекува. За сите изгрејсонца и зајдисонца што сме ги посведочиле и ќе ги посведочуваме.
Постојат најмалку сто причини поради кои секој човек треба да биде благодарен. Јас ќе споделам само неколку сопствени примери зошто сум благодарна секој ден. Списокот е подолг и од ова што следува во продолжение. Благодарна сум поради тоа што имам покрив над глава, храна и вода. Ова е најбазичната благодарност за која треба да сме свесни која изгледа премногу општа и навидум занемарена.
Да го цениме она што го имаме за кое знаеме дека некој и тоа не може да го има. Благодарна сум поради најблиските луѓе околу мене, нивната поддршка и присутност. Секој миг сум благодарна за сѐ што поседувам и од материјална природа (што е малку) и од духовна (што е повеќе). Благодарна сум за сѐ што поседувам внатрешно и надворешно. Нема поголема радост и љубов кон себе од себеприфаќањето, од прегрнувањето на своите убави и помалку убави страни.
Благодарна сум за самото постоење. Што можам да го посведочам времево во кое го живееме, да пробам ненаметливо да оставам сопствен печат од своето живеење. Во моментов оваа помисла ми дава голема радост и мотив. За среќа е потребно многу малку, некогаш единствено треба само благодарност за животот сам по себе. Каков и да е, со сите негови тежини, угорнини и надолнини, треба да го цениме неизмерно.
Благодарна сум за постоењето на блогов каде слободно можам да се изразам во мој стил. Да не беше тој најверојатно вие немаше да ги читате овие реченици во моментов. Ви благодарам и на сите вам за часовите поминати со нашите содржини. Неизмерно сум благодарна за секое ваше присуство, посебно кога ќе ни се обратите со реакција, коментар и слично.
Благодарна сум и на себеси што живеам по моја филозофија, го креирам животот по моја мера и сопствени правила. Ова е можеби најважното нешто за кое вечно ќе си бидам благодарна. Бидејќи знам точно кој беше патот шго го изодев за да можам да го реализирам замисленото. Сѐ уште постои пат (кој е бескраен) по кој продолжувам со чекорење, сѐ што е замислено не е целосно реализирано.
Благодарна сум за моќта на сопствената имагинација. На можноста да создавам идеи и обидите да ги исполнам. На незапирливиот процес и желба за создавање, позитивниот дух кој ме одржува(л) секогаш. Секој ден да си ги приспомнуваме благодарностите за да бидеме позадоволни и посвесни за сопствениот живот.
Ако во еден ден можете да издвоите најмалку три благодарности поврзани со себе и вашето живеење, сметајте дека сте среќни луѓе. Пробајте да ги наброите сопствените причини за благодарност и ќе видите дека ги имате повеќе и од доволно.
Постојат уште многу причини за благодарност, овие беа моите на кои најпрво се сетив. Кои се вашите причини за благодарност?
Прочитајте ги и цитатите за благодарност кои беа инспирација за овој текст.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.