Дејан Крстески и “Атласот на тајните”

“Атласот на тајните” е најновата книга на Дејан Крстески која од неодамна излезе од печат и веќе беше промовирана во Гостивар. Станува збор за психолошки роман со две паралелни приказни кои во себе кријат своевидна животна филозофија. По овој повод поразговаравме со авторот околу ова негово најново дело.

“Атласот на тајните” – интересно име. Стои ли нешто позади името освен приказната на романот?

-Моите книги секогаш имаат интересни наслови. Тоа се наслови кои будат интерес кај читателите уште пред да ги земат книгите во раце, но исто така и наслови кои секогаш носат одредено значење. Насловот за романот Атласот на тајните беше тука уште во истиот момент кога бев сигурен дека ја завршив книгата со пишување.

Ако го раслоиме самиот наслов, тогаш зборот атлас претставува книга со географски карти и атласот е најважната градбена единка на ‘рбетниот столб. А тајните се она што го чуваме за себе, но и тајните не чуваат нас. Скриени, тие и самите кријат. Според тоа, можам да кажам дека ова е книга со карти и мапи за тајните, но и многу повеќе од тоа.

Каков е тој атлас кој крие тајни и дали истите можат да се пронајдат на мапа?

-Атласот на тајните е психолошки роман, иако во него се забележува една еластичност на жанровите кои ги обединува. Ако ме прашувате дали има мистерија, одговорот е секако да. Ако ме прашувате дали има романса, одговорот повторно е да… Ова е роман за тајните, а тие можат понекогаш да бидат детски и наивни, а понекогаш отровни и злонамерни… Ова е книга за  нивната широчина, за последиците кои можат да произлезат од нив. Во оваа книга нема точни координати на тајните, затоа што секој треба сам да ги пронајде на мапата од овој роман.

„Понекогаш луѓето го живеат рајот или пеколот на земјата, уште додека се живи.” – Кој е најголемиот пекол што еден човек може да го доживее?

-Верувам во еден современ пекол кој е надограден и персонализиран за секој од нас, па така тоа што за еден човек е најголемо страдање за друг можеби нема да биде. Секој ќе го добие она што му следува. Но мене ме фасцинира мислата дека можеби ова тука и сега навистина е едно од тие две, рајот или пеколот. Полека но сигурно престанувам да верувам во случајности. Животот се повеќе личи на сценарио од филм или само јас имам таков впечаток. Навистина не знам. Можеби е рајот или пеколот, можеби е микс од двете. Човекот не знае кој е се додека животот не го предизвика.

Што може да се нарече рај во овоземскиот живот?

-Вистинската љубов, секако ако таа навистина постои, ако не е само илузија. Исто така внатрешниот мир, кој денес се чини како најскапа работа. И среќата во очите на луѓето кои ги сакаме. Секако дека има и други работи…

 Која беше водечка мисла при создавањето на овој роман?

-Немав водечка мисла, приказната ме водеше мене. Затоа што пишувањето е како навлегување во лавиринт, барем за мене. Работен е навистина долго, можеби повеќе од 10 години, па затоа е навистина тешко да се издвои водечката мисла. Доколку имало таква, таа сигурно се менувала низ времето и добивала различни облици. Но со сигурност можам да кажам дека сакав да изградам вистински ликови и тоа беше на некој начин од опсесивна важност за мене. Јас се будев и легнував со тие ликови. Седнував на маса да јадам со нив. И денес, јас сум неизмерно среќен кога луѓето кои веќе го прочитале романот ќе ми речат дека сум создал ликови за кои имаат впечаток дека ги познаваат, ликови кои се комплетно оформени и реални.

Дејан Крстески на промоцијата на „Атласот на тајните“

Дали се сеќаваш на првата реченица што ти се оформи во глава за овој роман? (Ако да, која беше таа?)

-Тоа беше реченицата: „Застана, како да не знаеше каде треба да оди.“ Сѐ тргна од таа ноќ кога еден од централните ликови од оваа книга беше проголтан од големиот град, од моментот кога застана како да се судри со невидлив ѕид, како да сакаше да подразмисли што понатаму.

Кажи ни малку за главните ликови, (без откривање на содржината) како се тие изградени?

-Ликовите во романот се како Малиот принц, како да патуваат од планета на планета за да се пронајдат самите. Иако ликовите се дел од мојата имагинација, читателите имаат чувство дека се реални, дека ги познаваат. Се обидов и знам дека успеав во тоа да ги претставам речиси хируршки прецизно. Такви какви што се, такви какви што сме сите ние.

Тоа се ликови со кои поминав многу време, тоа се ликови кои имаат лице на кое се испишани нивните внатрешни карактеристики. Низ процесот на оформување на секој лик тргнував од процесот на страдањето. Всушност така е и во реалноста. За жал тагата многу повеќе го оформува човекот како личност. Но интересно е тоа што, сите ликови од оваа книга се дел од мене. Колку и да звучи тоа чудно, сите ликови сум јас.

Како автор, се ставав, се вгнездував во кожата на секој од ликовите на оваа книга, токму затоа знам како се чувствуваа и низ што минуваа во одредени моменти. Атласот на тајните на својот грб го изнесуваат малку ликови, но тие се претставени од блиску а нивните внатрешни доживувања се богато насликани. Намерно не внесов премногу ликови во книгата бидејќи и самиот не сакам да читам книги со толпа од ликови.

 Вечната борба меѓу доброто и злото постоела отсекогаш, дали е нужно доброто секогаш да победи или некогаш триумфот го носи злото?

-Доброто секогаш победува, само што некогаш на крај станува навистина сеедно кој ќе победи. Борбата понекогаш знае да биде долготрајна и макотрпна, знае да не истроши. Затоа понекогаш победата знае да биде толку небитна и туѓа. Зарем тоа може да се смета за победа на доброто?

Може ли од човек да извира пеколот или па, човечко битие да претставува рај?

-Ова е прашање со кое се занимавале многу мислители. Прашање на кое се уште никој не дал конечен одговор, па најверојатно нема да дадам ни јас. Дали човекот е добар или зол? Јас би рекол дека сме и двете, ние во себе го носиме и рајот и пеколот и доброто и злото. Таква е човековата природа. Што ќе излезе на површина од сите нас зависи од многу работи, па тука секако би ги споменал внатрешните карактеристики на секој поединец и секако влијанието на околината, минатите искуства…

Јас свесно одбивам да верувам во комплетно лоши луѓе и секогаш сакам да откријам што се крие во заднината на нивната приказна. Па така, многу често се потврдила како точна мојата теза дека зад поведението на лошиот човек понекогаш се крие некоја ужасна траума, која оставила белег на неговата душа. Сѐ е релативно, а глобализирањето не нѐ води кон разбирање на поединецот.

Освен тоа, како психолог, јас секогаш се обидувам да ги разберам постапките на другите луѓе колку и да ми изгледаат нејасни на моменти. Но верувам дека треба сите малку повеќе да се потрудиме и помалку да осудуваме за светот да стане поубаво место за живеење. Освен тоа, од нас зависи какви чувства ќе потхрануваме во себе. Знам дека понекогаш е претешко да се справиме со негативните емоции кои нарастуваат како плевел, ги има насекаде… но сепак мора да учиме како самите да го гасиме пеколот во нас.

А што се однесува до другата опција, љубовта и романтичните емоции се секако најзаслужни за тоа да доживееме одредена личност како да го носи рајот во себе.

Која е главната порака на “Атласот на тајните”?

-Ова е роман од кој извираат многу пораки, мисли и прашања за смислата на животот. На промоцијата зборував за односот со блиските луѓе и како нив можеме најлесно да ги повредиме. Но навистина ниту јас не сум сигурен која е главната порака која излегува од “Атласот на тајните”. Освен тоа, како ќе бидат сфатени пораките зависи и од самите приматели на истите. Затоа оставам на секој кој ќе ја прочита оваа книга да ја пронајде својата порака.

Каде можат нашите читатели да го пронајдат романот и што можат да очекуваат од истиот?

-Во моментов читателите романот може да го пронајдат во книжарницата на Антолог во Скопје, а во иднина се надевам ќе биде достапен и на други места. Во однос на очекувањата навистина е неблагодарно како автор јас да зборувам за пристапот кон делото коешто самиот сум го создал, најдобро би било читателите да му пријдат без очекувања и без предрасуди, иако ова звучи малку нереално.

Атласот на тајните е сложен роман, односно роман во роман, книга во книга… кои наизменично го градат стеблото на приказната. И двете целини ги напишав во различен манир, она што ги обединува е секако длабоката анализа на ликовите. Можам само да кажам дека тие што сакаат лесни четива, кои се читаат механички и површно, подобро е да ја прескокнат оваа книга.

Ако мораш да го завршиш интервјуто со една реченица од романот, таа би била:

-Од секое ново искуство, човекот се развива и учи нешто дотогаш непознато. Ако нема нова лекција, искуството нема никакво значење во животот на човекот.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?