Пловам низ месечевата светлина
Изгубено и наивно,
со надеж дека ќе ме одведе до вистинскиот пат
Како во длабока хипноза
крадешкум подавајќи се од овој хартиен чамец
Како мало дете уплашено полека ги откривам
вистинските лица на статуите кои наидуваат
Некои се врвно дело на кои душа се разигрува
На некои здивот ми запира
Мали отчукувања, како секундарна смрт
Подавам рака кон ладниот воздух и сакам да го задржам,
Како заштита, како аманет испратен од небеста
Да го задржам во дланката за кога ќе го издишам
и последниот атом да ме врати како сидро
Минато ли е?
Или длабока нирвана на иднина?
Патувам некаде помеѓу небесата
Пловејќи кон она непознатото
Премногу прашања во нејасна ситуација
Премалку одговори за ноќна илузија
А јас не можам да ги избришам сликите
што мојот ум ги заробил
Па вешто ги барам сликите љубовни
за да ме греат во долгиот кошмар
На нив си ти, секогаш си бил
На нив сме ние
Тука јасно можам да се фатам за лагата и вистината
Лагата е дека можам без тебе
А вистината е дека никогаш моето срце
не си нашло подобар дом од твоите раце
Лагата е дека ова може да заврши
А вистината секогаш ќе ми докажува дека нашето нема крај
И така во недоглед
Додека небото и земјата не се спојат
А кога тебе те нема во мислите
и кога црна чума ми те сокрива прашуваш
Тогаш што правиш?
Љубовта ја носам во себе
Како непресушен извор ти велам
Можеби за миг ќе исчезне под земјата
Но со првиот дожд цела бара се собира баш на тоа место
Љубовта во себе ја носам како факел
и на овој чамец во непознат правец
Гледајќи во лошите имитации на статуи
кои сакаат да ме исплашат, да ме заробат,
Да ме избришат дур глувата ноќ царува
Љубовта ме води
И кога тебе те нема и кога се изгледа залудно
Кога црна ноќ ме облива и има очи кои ме бараат
и уста која сака да ме проголта
Јас пловам до далечната мистериозна луна
Наскоро ќе биде полна,
за кога ќе стигнам да и ги искажам моите зборови
небото ќе воздивне и ѕвездите ќе паднат
за надеж до исполнување на желбите
И додека ѕвезди паѓаат,
ќе знаеш дека и небото го знае твоето име.