Skip to content

Ден – А век – Елизабета Дончевска Лушин

  • by

Ти се чини, еден ден е, а векови се!
Ти се чини, минато е…
Минало, поминало
а сегашност е!

Ние тука, нашите,
можеме во еден ден
десет дена да ги проживееме.
И во тој еден – десетдневен ден
векови да протнеме!
Векови од болка и чемер,
од јадови и гневови,
од победи и порази.
Па како стари партали,
на сонце да ги извадиме
и болката
и чемерот
и јадовите
и бесовите,
да ги спростреме на тешката земја
и миризбата вековна, застоена
да ја проветриме.

Можеме и буквите и словото
од пишување да ги измориме,
од думање да ги изветвиме,
а тие – пак самите да се думат,
самите да се пишуваат.

И така се испружено
на сонце и виделина,
закрпено и проветрено,
можеме повторно да го збутаме
во еден ден
и во него да спакуваме
десет дена
и неколку века.
И пак да го распакуваме, догодина..

А дотогаш,
тој едниот ден,
го чуваш како светија,
те боли како љубов невозвратена,
те корни како дете на раѓање
– за да не го заборавиш
и во најтемното темнило.
Да се сетиш на него
– Едниот,
Во многуте денови на заборавот.

Ние тука, нашите
можеме во еден ден
десет дена да изживееме
и векови во него да протнеме.

Ден, а век.
Дениште!
Илинден го викаме

Напишете коментар