Бато не ги исполни олимписките норми. Не може да исплива од второ одделение.
За разлика од тато и мама, јас и бато внимаваме на природната околина. Возиме коли само на батерии.
Бато е одличен глумец. Додека Маре му суфлира, тој глуми сезнајко.
За тоа што мене учителката не ми поклонува петка, криви се тато и мама. И тие ништо не ѝ поклонуваат.
Дедо почна прави Семејно стебло. Само мене не ми е јасно каде ќе најде толкаво дрво сите да се качиме на него.
И јас сум за настава со физичко присуство. Ама само на часовите по физичко!
Учителката не знае дека тато бил најдобар ученик. Секогаш кога тој ми ја пишува домашната – добивам единица!
Бато е најбрз ученик во училиштето. Ама само кога бега од часови.
Бато претера со пливачкиот маратон. Три години не може да исплива од трето одделение.
Дедо веќе не се плаши да покаже заби. Денес заболекарот му го извади последниот заб.
Сите знаат дека бато е заљубен во Бети. Ама никој нема смелост да и го каже тоа.
Ако бидам одличен дедо ќе ми купи “Џорданки”. Ако сака да го исполни ветувањето – ќе мора повеќе да учи.
Дедо јаде и бројки и букви. Зависи по кој предмет ми пишува домашна.
Бато лаже дека дедо е цар. Царевите не читаат лектири, не пишуваат домашни, не носат училишни ранци…
Откако тргна на училиште бато знае што сака: Бети, Маре, Лиле…
За тоа што дедо две години чита исти лектири крив е бато. Го повтори одделението.
Дедо често го менува мамецот. Некогаш лови риби на вересија, некогаш кеш, а некогаш на картичка.
За училиштето ме врзуваат убави спомени: полн училишен ранец со кроасани, чипсови и смоки…
И пред појавата на коронавирусот бато држеше безбедно растојание – од учебниците!
Кај нас дома сите добија негативни тестови. Дедо по Историја, мама по Географија, тато по Математика…
Конечно вујче денес доби позитивен тест. Ги положи тестовите за возачка.
Кога ќе се напие чичо држи безбедно растојание од нина. Се плаши од нејзината оклагија.
Јас и Мери се заљубивме на прв поглед. Јас во нејзината, таа во мојата маска.
Кога оди на риби дедо ја носи маската со себе. Значи лови риби по маркетите.
Дедо и баба се големи патриоти! Не сакаат да се вакцинираат ниту со руски, ни со кинески, а ниту со амерички вакцини.