Skip to content

Кршење, прекршување – Игор Исаковски

моментот кога се прекршуваш
низ себе: како бои од виножито
низ призма, како звук на стакло
врз мермер. боли моментот, доаѓа
ненајавен а очекуван. и ти доаѓа
да пееш, да се смееш, да танцуваш,
да не мислиш на себе додека
се прекршуваш.
па го фаќаш првиот воз
кон заборавот, со карта
во еден правец, без багаж.
би сакал да мислиш – без багаж.
пејзажите низ кои поминуваш
се совршени огледала на твојата
појава, на твојата душа, на твојот
божем незаинтересиран лик.
те клопоти возот, до првото
пристаниште: морето те повикува
со својата занесна бескрајност.
низ прекршувањето
на морските капки
гледаш виножита;
некаде далеку татни,
небото се крши.

 

Напишете коментар