Пред неколку дена ми се јави другарката од детството што живее во странство. Ми кажа дека се вратила да ги види родителите, иако била во гужва ќе одвоела неколку часа за мене. Од последната наша средба поминаа три години, сакав да ја видам, но поучена од претходниот пат добив мал грч во желудникот. Таа средба никогаш нема да ја заборавам. Ги ангажирав двете баби да ми го чуваат бебето, набрзина се облеков, нели се познаваме уште од малечки и не морав да внимавам во што ќе бидам облечена.
Со леснотија излегов и очекував убаво да си поминеме. А, таа дојде дотерана од глава до петици, не ѝ штрчеше ниту влакно на главата. Мислам дека намерата ѝ беше да издоминира и успеа во тоа. Додека гордо зборуваше за вртоглавите цени на својата брендирана облека, за правилната исхрана и вежбање во теретана…..ми идеше во земја да пропаднам. На бебето му го дарував целото внимание и дотогаш не ми сметаше вишокот на килограми. Знаев дека треба да ослабнам, но, приоритет ми беше мајчинството, а сѐ друго може да почека.
Не верувам дека таа можеше да претпостави колкав напор дадов за да дојдам. Неуморно ја стискав ташната пред себе сакајки да го сокријам салото што течеше од сите страни. Како малку да ми беше чувството на Пепелашка, не престана да зборува за егзотичните патувања и вниманието што секојдневно ѝ го искажувал мажот ѝ. Не сум љубоморна по природа, но, додека ги слушав фалбите си помислив: „Барем да ме прашаше како сум? Како се снаоѓам во улогата на мајка“?
Не беше таква додека другарувавме и затоа се прашував “Зошто глуми совршеност, не ми се допаѓа оваа, ја сакам мојата несовршена другарка”.
До крајот на дружењето постоеше само Монолог, се обидов неколку пати да кажам нешто и јас. Но, залудно! Откако се испофали, со силни критики ми се нафрли:
– Како можеше да си дозволиш? Види се на што личиш! Следниот пат кога ќе се видиме, сакам да те видам ослабната и дотерана.
Дојде како бура за да замине по еден телефонски повик. Набрзина се поздрави, а јас додека го чекав таксито се чувствував многу лошо. Се сеќавам дека бесот на мажот ми го истурив “Каков човек си ти, ниту еднаш не си ми кажал дека ме сакаш “ – додека зборував почнав да се плачам и да се тресам.
– Ти знаеш дека многу те сакам иако не ти кажувам често, ама другарката многу те повредила. Не знам што се случило и зошто си тажна и расплакана, јас ја паметам како сосема пристојна…Ама, луѓето понекогаш знаат да се променат!
– Те молам да не се менуваш и поистоветуваш со никој, за мене си совршена, таква каква што си – одлучно кажа.
Му бев благодарна за утехата што ми ја даде, ми значеше и тогаш и уште ми значи неговата поддршка. Не сакав да го оптеретувам и не му кажав ништо повеќе за нашата средба. Таа уште еднаш ми се јави пред да си замине, и близу три години не се слушавме, ниту си пишувавме. Единствено ако се изземат оние автоматските пораки што ми ги препраќаше за празниците. Мажот ми на шега ќе ми кажеше дека сум се радувала на пораките, небаре англиската Кралица лично ми ги пратила……… можеби беше во право. Не сакав да ја избришам од мојот живот, сакав да верувам дека денот не ѝ бил добар. Потоа се случи Пандемијата и дојдоа сите проблеми што со себе ги донесе.
За жал изгубивме драг човек во пошироката фамилија и како знаевме и умееме се носевме со подемите и падовите кои животот ги носи. Живееме живот кој не е совршен, но, со сите наши несовршености изградивме мирен и топол дом.
Дојде денот за нашата средба со другарката. Овојпат ништо не очекував, едноставно отидов да видам дали се променила. На добро! Знаев само дека нема да ми најде замерка за тежината, успеав да си ја вратам старата линија.
Таа, овојпат дојде спортски облечена, без да се поздрави, ми најде замерка на штиклите што ги носев, зашто не биле веќе во мода. Разбрав дека била разведена и сакајки да и вратам за “срдечното добредојде”, прашав дали е добар мажот ѝ. Не ми одговори на прашањето, само ме прострела со погледот и ме праша:
– Дали си вакцинирана?
Веднаш ѝ одговорив дека сум во фаза на размислување, а таа, почна да ми држи предавање за важноста на вакцинирањето против Ковид 19. Не сакав да ја слушам и со поостар тон ѝ кажав: “Таман помислив дека оваа вечер ќе ја поминам без стрес и заплашување, кое близу две години го живееме…ама сум се излажала. Те молам драга, не ми ги наметнувај своите мислења. Имам и јас свои, ама никого не го оптоварувам со нив“.
Станав за да си заминам, но морав нешто за крај да ѝ кажам: “Пред многу години имав другарка, нежна, питома, искрена, дарежлива….но, откако замина во странство сакаше совршена да биде. Всушност, да биде, тоа што не е. Знам дека е несреќна, зашто само несреќните луѓе имаат потреба да ги повредуваат оние што навистина ги сакат. Ако успее да се излечи од модерните болести на денешницата, нека ми се јави…ако, не, нека продолжи по патот”.
Солзи ми течеа, но не се свртив. Продолжив кон мојот совршено – несовршен свет. Таму ми беше најубаво!
Силвана Панева