Керол Ен Дафи – Црвенкапa

Керол Ен Дафи, британска поетеса, есеист, драматург, професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“е добитник на „Златен венец“ за 2021 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“.

Уживајте во една од нејзините песни:

Црвенкапа

На крајот на детството, куќите се проретчија,
се претопија во игралишта, фабрика, парцели
издржувани, ко љубовници, од женети мажи
клекнати на колена, немата железничка пруга,
приколката на самотникот, додека не се појави,
конечно, шумата. Таму првпат го видов волкот.

Застанат на ледина, гласно си ја читаше поезијата
на волчи акцент, со книга во влакнестата шепа
и со дамки од вино на брадата. Колкави му беа
ушите! Колкави му беа очите! Колкави забите!
На паузата, својски се потрудив да ме забележи:
шеснаесетгодишна, кукла, наивна; ми купи пијачка,

првата во животот. Зошто, ме прашувате? За поезија.
Знаев оти волкот ќе ме одведе длабоко во шумата,
далеку од дома, на темно, трнливо место осветлено
од очи на утки. Ползев по него, кинејќи ги хулахопките,
оставајќи зад себе црвени парчиња палто по гранки и
грмушки, ко траги од убиство. Обете чевли ги загубив

ама стигнав: волча дупка, пази кај газиш. Прв час –
волкот ми дише во уво, ми предава љубовни песни.
Mу се бев приклештила за бесното крзно цела ноќ
оти кое девојче не сака волк?
Па се измолкнав од неговите тешки, замрсени шепи
за да побарам жива птица – бел гулаб – што летна

од моите раце право во неговата отворена уста.
Еден гриз, мртва. Што убаво, рече, појадок в кревет,
лижејќи прсти. Веднаш штом заспа, се притаив во
дното на дувлото, кај што еден цел ѕид беше црвен,
златен, осветлен од книги; зборови, зборови живи
на јазик, во глава, топли, со крилја, пулс; музика, крв.

Но млада бев тогаш – и десет години ми поминаа
таму во шумата дури да сфатам дека печурка
затнува уста на закопан труп, дека птиците се
мислата изустена на дрвјата, дека секој побелен
волк си тера по старо, постојано ја пее истата песна,
на полна месечина, исто си завива. Зедов секира

и расцепив врба да видам како жали. Расцепив
кремен да видам како се пали. Го расцепив
волкот на спиење: од корен до грло, со еден замав.
Ете кај биле сјајните, девствено бели коски на баба.
Камен по камен, му го наполнив мевот. Го зашив.
Идам од шумата со набрано цвеќе, пеејќи, сама.

 

Препев: Магдалена Хорват

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели